28
Исусовото воскресение. Воскреснатиот Исус им се јавува на учениците. Заповед за крштавањето на сите народи.
1Кога измина саботата, на осамнување во првиот ден на седмицата, дојдоа Марија Магдалина и другата Марија да го видат гробот.
2И ете, стана голем потрес: ангел Господов слезе од небото, пристапи, го отстрани каменот од гробната врата и седна на него;
3лицето му беше како молња, а алиштата – бели како снег;
4а стражарите, уплашени од него, трепереа и беа како мртви.
5Ангелот се обрна кон жените и им рече: »Не бојте се; знам дека Го барате Исуса распнатиот;
6не е овде, воскресна, како што беше рекол; дојдете и видете го местото, каде што лежел Господ,
7па отидете бргу и кажете им на учениците Негови, дека Он воскресна од мртвите. И ете, ќе отиде пред вас во Галилеја; таму ќе Го видите. Ете, ви кажав.«
8И како излегоа брзо од гробот, тие со страв и голема радост отрчаа да им соопштат на учениците Негови.
9Кога одеа да им јават на Неговите ученици, Исус ги пресретна и рече: »Радувајте се!« А тие се приближија, ги опфатија нозете Негови и Му се поклонија.
10Тогаш Исус им кажа: »Не бојте се; одете и соопштете им на браќата Мои, да отидат во Галилеја, и таму ќе Ме видат.«
11Кога одеа тие, ете, некои од стражарите, влегувајќи в град, им кажаа на првосвештениците за сето она што беше станало.
12И тие, кога се собраа со старешините и направија совет, им дадоа многу пари на војниците,
13велејќи: »Кажете, дека учениците Негови дојдоа и Го украдоа, кога ние спиевме;
14и, ако за тоа чуе управникот, ние ќе го смириме и ќе направиме и вам ништо да не ви се случи.«
15А тие ги зедоа парите и направија, како што беа научени. И тој глас се пренесува меѓу Јудејците и до денес.
16А единаесетте ученици отидоа во Галилеја, во гората, каде што им беше заповедал Исус;
17па, штом Го видоа, Му се поклонија; а некои се сомневаа.
18А Исус, кога се приближи, проговори и рече: »Ми се даде секаква власт на небото и на земјата.
19Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух,
20и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот. Амин!«