Maтеј 26

26
1Завршувајќи со сите овие поуки, Исус им рече на Своите ученици:
2„Како што знаете, по два дена настапува празникот Пасха. Тогаш Мене, Синот Човечки, ќе Ме предадат и ќе Ме распнат на крст.“
3Во тоа време, во резиденцијата на Првосвештеникот Кајафа се одржуваше состанок на свештеничките поглавари и народните старешини.
4Тие решија тајно да Го уапсат Исуса и да Го погубат.
5„Но не за време на празникот, за да не се побуни народот!“ заклучија тие.
6Исус се наоѓаше во местото Бетанија, во куќата на Симон, кој порано боледувал од лепра,
7кога Му пријде една жена, носејќи скапоцен мирис во шише од алабастер и го полеа врз главата на Исус, Кој седеше на поставената трпеза.
8На ова, Неговите ученици реагираа налутено, велејќи:
9„Зошто се прави ваква штета!? Мирисот можеше да се продаде за скапи пари, а парите да им се разделат на сиромасите!“
10Исус го забележа тоа, па им рече: „Зошто ја прекорувате жената!? Таа направи едно љубезно дело за Мене.
11Сиромаси секогаш ќе има меѓу вас, но Мене нема секогаш да Ме имате.
12Излевајќи го овој мирис врз Моето тело, таа Ме приготви за погреб.
13Отсега, секогаш кога ќе се проповеда оваа Радосна вест, насекаде по светот ќе се спомнува и ова нејзино дело и ќе им се кажува на други, во спомен на оваа жена.“
14Тогаш Јуда Искариот, кој беше еден од дванаесетте Исусови ученици, отиде кај свештеничките поглавари и им рече:
15„Колку ќе ми платите, ако ви Го предадам Исус?“ Тие му дадоа триесет сребреници.
16Оттогаш Јуда бараше згоден момент да Го предаде Исуса.
17На првиот ден од празникот Бесквасници учениците Му пристапија на Исус и Го прашаа: „Каде би сакал да ја приготвиме пасхалната вечера?“
18Исус им рече да отидат во градот и на извесен човек да му кажат вака: „Нашиот Учител вели: ,Дојде Моето време. Сакам да ја одржам пасхалната вечера, заедно со Моите ученици, овде, во твојот дом‘.“
19Учениците постапија онака како што им заповеда Исус и таму ја приготвија пасхалната вечера.
20Вечерта Исус седеше на трпезата заедно со дванаесеттемина.
21Додека вечераа, Исус им рече: „Еден од вас навистина ќе Ме предаде!“
22Оваа изјава ги нажали учениците и еден по еден почнаа да Го прашуваат: „Да не сум јас, Господе?“
23Исус им одговори: „Еден од вас, што јаде од иста чинија со Мене, ќе Ме предаде.
24Навистина, Јас, Синот Човечки, морам да умрам, како што е претскажано во Светото Писмо; но тешко си му на тој човек што ќе Ме предаде Мене, Синот Човечки! Подобро ќе му беше ако воопшто не се родеше!“
25Тогаш Јуда Го праша: „Учителе, да не сум јас?“ Исус му одговори: „Самиот си кажа!“
26Додека вечераа, Исус зеде леб, го благослови и го раскрши. Потоа им даваше на учениците и им говореше: „Земете и јадете; ова го претставува Моето тело“.
27Потоа зеде чаша со вино, Му се заблагодари на Бог, им ја подаде чашата на Своите ученици и им рече: „Земете и пијте сите;
28ова ја претставува Мојата крв крв на Божјиот нов завет со вас крв што се пролева за простување на гревовите на многу луѓе.
29Ви кажувам дека отсега нема веќе да пијам од лозовиот род, си до денот кога одново ќе пијам со вас, во Царството на Мојот Татко.“
30Потоа испеаја псалми и отидоа на Маслиновата Гора.
31Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Во текот на оваа ноќ сите вие ќе Ме напуштите, како што е претскажано во Светото Писмо: ,Ќе удрам по Пастирот, и овците ќе се разбегаат!‘
32Но кога ќе воскреснам, ќе ве чекам во Галилеја.“
33Петар Му рече: „Дури и ако сите други Те остават, јас никогаш нема да Те оставам!“
34Исус му одговори: „Те уверувам дека уште ноќва, пред да пропеат петлите, трипати ќе одречеш дека си Мој следбеник!“
35Но Петар пак Му рече: „Дури и ако треба да загинам со Тебе, јас нема да одречам дека сум Твој следбеник!“ Истото го велеа и сите други ученици.
36Во придружба на Своите ученици Исус отиде на едно место наречено Гетсемани. Кога пристигнаа таму, Тој им рече: „Седете овде, а Јас ќе отидам потаму, да се помолам.“
37Со Себе ги зеде Петар и двајцата Завдаеви синови Јаков и Јован. Мошне потресен и натажен,
38Исус им рече: „Тагата што ја имам во душава Ме убива! Останете овде и бдејте заедно со Мене!“
39Потоа Тој се оддалечи малку, падна ничкум и почна да се моли: „Татко Мој, ако е возможно, не дозволувај да страдам на ваков суров начин; сепак, нека се исполни Твојата волја, а не Мојата.“
40Кога Исус се врати кај Своите ученици ги затекна како спијат. Тогаш му се обрати на Петар: „Зар не можевте да бдеете со Мене еден час!?
41Разбудете се и молете се да не бидете совладани од искушението што доаѓа! Зашто, иако духот е храбар, телото е слабо!“
42Потоа Исус повторно се оддалечи малку и продолжи да се моли: „Татко Мој! Ако нема начин да Ме одмине ова горчливо страдање, Јас ќе ја исполнам Твојата волја!“
43Враќајќи се кај Своите ученици повторно ги затекна на спиење; очите едноставно им се затвораа.
44Исус ги остави и отиде пак да се моли, по третпат повторувајќи ја истата молитва.
45Потоа се врати кај Своите ученици и им рече: „Зар и понатаму спиете и се одморате!? Дојде времето Мене, Синот Човечки, да Ме предадат во рацете на грешници.
46Станувајте, тргнуваме. Предавникот Мој доаѓа.“
47Додека Исус зборуваше, пристигна предавникот Јуда. Тој беше еден од дванаесетте Исусови ученици. Со себе водеше голема толпа народ, вооружена со мечеви и со стапови. Сите беа испратени од свештеничките поглавари и од народните старешини.
48Претходно, предавникот Јуда им беше рекол: „Фатете Го Оној што при поздравувањето ќе го бакнам!“ Тоа беше договорениот знак.
49Тој му пријде на Исус и Му рече: „Здраво, Учителе!“ И го бакна.
50Исус му одговори: „По кој повод си дојден, пријателе?“ Тогаш дојдените со Јуда Го фатија Исуса и Го уапсија.
51Наеднаш, еден од оние што беа со Исус извлече нож и, замавнувајќи, му го отсече увото на слугата на Првосвештеникот.
52Но Исус му рече: „Врати го ножот во ножницата! Кој посегнува по нож, од нож и ќе загине!
53Мислиш дека Јас не можам да побарам од Мојот небесен Татко за миг да испрати повеќе од дванаесет армии од ангели да ни заштитат?
54Но, како ќе се исполни претскажаното во Светото Писмо, според кое ова мора да се случи!?“
55Потоа Исус ђ се обрати на толпата: „Што сте излегле против Мене со мечеви и стапови, како да Сум разбојник!? Зошто не Ме уапсивте во храмот каде што секојдневно седев и поучував?.
56Но, сето ова се случува вака за да се исполнат запишаните претскажувања на пророците.“ Тогаш сите Негови ученици Го оставија и се разбегаа.
57Оние што Го уапсија Исуса, Го одведоа кај Првосвештеникот Кајафа. Кај него се беа собрале вероучителите и старешините.
58А Петар оддалеку Го следеше, си до дворот на Првосвештеникот. Потоа влезе внатре и седна со чуварите, за да види како ќе заврши сето ова.
59Свештеничките поглавари и целиот Врховен совет сакаа да Го погубат Исуса и затоа бараа лажни сведоци против Него,
60но не најдоа, иако мнозина пристапуваа со бројни лажни обвиненија.
61Најпосле, пристапија двајца и рекоа: „Овој човек тврдеше дека може да го разурне Божјиот храм и за три дена повторно да го подигне!“
62Тогаш Првосвештеникот стана и Му се обрати на Исус: „Зар нема ништо да одговориш против овие обвинувања?“
63Исус молчеше. Првосвештеникот повторно Му се обрати: „Те заколнувам пред живиот Бог да ни кажеш, дали си Ти Месијата Божјиот Син?“
64Исус му одговори: „Самиот кажа! Но на сите вас ви велам: ,Наскоро ќе Ме видите Мене, Синот Човечки, како седам на почесната, десна страна на Семоќниот, и како доаѓам на небесните облаци.‘“
65На ова, Првосвештеникот си ја расцепи облеката во знак на грозење и рече: „Ова е богохулство! Зар ни се потребни други сведоци? Сега го чувме Неговото богохулство!
66Какво е вашето мислење?“ Тие одговорија: „Заслужува смртна казна!“
67Тогаш едни почнаа да Му плукаат в лице и да Го удираат со тупаници, а други Му удираа шлаканици и
68Му велеа: „Месијо, погоди кој те удри!?“
69За тоа време Петар седеше надвор, во дворот. Една слугинка му пријде и му рече: „И ти беше со Галилеецот Исус!“
70Но тој пред сите одрекуваше, велејќи: „Не е точно тоа што го тврдиш!“
71Кога Петар се упати кон вратата, го виде уште една слугинка и им рече на оние што седеа таму: „И овој човек беше со Исус од Назарет!“
72Петар повторно одрече и дури се заколна, изјавувајќи: „Не го познавам тој човек!“
73Малку подоцна, некои од оние што стоеја таму се доближија до Петар и му рекоа: „Навистина, и ти си еден од нив! И говорот твој те издава!“
74Но Петар почна да се колне и да ги уверува: „Јас не го познавам тој човек!“ Во тој момент запеа петел.
75Тогаш Петар се сети на Исусовите зборови: „Уште пред петлите да запеат, ти трипати ќе одречеш дека си Мој следбеник.“ Потоа излезе надвор и горко заплака.

موجودہ انتخاب:

Maтеј 26: MNT

سرخی

شئیر

کاپی

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion آپ کے تجربے کو ذاتی بنانے کے لیے کوکیز کا استعمال کرتا ہے۔ ہماری ویب سائٹ کا استعمال کرتے ہوئے، آپ ہماری کوکیز کے استعمال کو قبول کرتے ہیں جیسا کہ ہماری رازداری کی پالیسیمیں بیان کیا گیا ہے۔