Maтеј 25

25
1„Кога ќе биде воспоставено небесното царство, тоа ќе биде како во следната споредба. Десет девојки ги зеле своите ламби и излегле да го пречекаат младоженецот.
2Петте од нив биле глупави, а другите пет мудри.
3Глупавите понесле со себе ламби, но не зеле и масло за горење.
4Мудрите, пак, заедно со ламбите зеле и масло за горење.
5Доаѓањето на младоженецот се забавило, па сите девојки задремале и заспале.
6На полноќ ги разбудил силен извик: ,Младоженецот доаѓа! Излезете му во пресрет!‘
7Девојките станале и почнале да ги подготвуваат своите ламби.
8Тогаш глупавите им рекле на мудрите: ,Дајте ни од вашето масло за горење, зашто ламбите ни гаснат!‘
9Но мудрите им одговориле: ,Немаме доволно масло и за вас и за нас; затоа, појдете кај трговците и купете си!‘
10Додека тие отишле да купат масло, младоженецот пристигнал. Тие што биле подготвени, влегле со него на свадбата, по што вратата била затворена.
11Подоцна пристигнале и другите девојки и почнале да викаат: ,Господине! Господине! Отвори ни!‘
12А тој им одговорил: ,Не ве познавам кои сте!‘“
13„Затоа“ заклучи Исус „бидете подготвени во секое време, зашто не го знаете ни денот, ни часот кога ќе се вратам.“
14„Небесното царство може да се спореди со човек кој, пред да замине на пат, ги повикал своите слуги и им го предал својот имот да раководат со него.
15На секој од нив им дал според нивните способности: на првиот му доверил пет илјади златници, на вториот две илјади, а на третиот илјада. Потоа тој заминал на пат.
16Оној што добил пет илјади златници веднаш почнал да тргува со нив и спечалил уште пет илјади.
17Исто така и оној што добил две илјади златници спечалил уште две илјади.
18А слугата што добил илјада златници ги скрил златниците на неговиот господар, закопувајќи ги вземи.
19По подолго време господарот на слугите се вратил и ги повикал да му положат сметка.
20Дошол оној што беше примил пет илјади златници, донесол уште други пет илјади и рекол: ,Господару, ти ми довери пет илјади златници; еве, со нив спечалив уште пет илјади‘
21,Одлично!‘ му одговорил господарот. ,Ти се покажа како добар и верен работник. Ја оправда довербата над она малку што ти го доверив; затоа сега ќе ти предадам многу повеќе. Влези и придружи се на веселбата што ја приредува твојот господар!‘
22Потоа пристапил и оној што беше добил две илјади златници и рекол: ,Господару, ти ми довери две илјади златници; еве, со нив спечалив уште две илјади‘
23,Одлично!‘ му одговорил господарот. ,Ти се покажа како добар и верен работник. Ја оправда довербата над она малку што ти го доверив; затоа сега ќе ти предадам многу повеќе. Влези и придружи се на веселбата што ја приредува твојот господар!‘
24На крајот пристапил и слугата што беше добил илјада златници и рекол: ,Господару, знаев дека си ти строг човек: жнееш каде што не си сеел и береш каде што не си садел.
25Се исплашив дека ќе ги загубам доверените златници, па отидов и ги закопав. Еве, ти го враќам твоето.‘
26Тогаш неговиот господар му рекол: ,Лош и мрзлив слуго! Штом си знаел дека сум строг човек и дека жнеам каде што не сум сеел и берам каде што не сум садел,
27зошто не ги стави моите пари в банка, та кога се вратив, со нив ќе добиев и камата!?‘
28Затоа, земете му ги тие илјада златници и дајте му ги на оној што има десет илјади златници!
29Секој што спечалил нешто со она што му е доверено, ќе му биде дадено уште и тој ќе има изобилно. А на тој што не спечалил ништо со она што му е доверено, ќе му биде земено и она малку што го има.
30А бескорисниот слуга фрлете го надвор во темница таму каде што луѓето од мака лелекаат и чкртаат со сопствените заби!“
31„Кога Синот Човечки ќе дојде во Сиот Свој сјај, придружен од сите Свои ангели, ќе седне на Својот славен престол
32и ќе ги собере околу Себе сите народи. Тој ќе ги одвои во две групи како што овчарот ги одлачува овците од козите.
33Овците ќе ги постави на Својата десна страна, а козите на левата.
34Тогаш Царот ќе им се обрати на оние од десната страна: ,Вие сте благословени од Мојот Татко; дојдете и примете го Царството што е приготвено за вас уште од создавањето на светот.
35Зашто, кога бев гладен, вие Ме нахранивте; кога бев жеден, Ме напоивте; кога бев патник, Ме прибравте;
36кога бев без облека, Ме облековте; кога бев болен, Ме гледавте; кога бев в затвор, Ме посетувавте.‘
37Тогаш праведниците ќе Му одговорат: ,Господе! Кога сме Те виделе гладен или жеден, па сме Те нахраниле и сме Те напоиле?
38Кога сме Те сретнале како патник или без облека, па сме Те прибрале и сме Те облекле?
39Кога сме Те виделе болен или в затвор, па сме Те гледале и сме Те посетиле!?‘
40А Царот ќе им рече: ,Секогаш кога сте го правеле тоа за еден од Моите најмали луѓе сте го правеле за Мене!‘
41Потоа Царот ќе им се обрати на оние од левата страна: ,Бегајте од Мене, вие клетници! Одете во вечниот оган, подготвен за Ѓаволот и за неговите ангели!
42Зашто, кога бев гладен, вие не Ми дадовте да јадам; кога бев жеден, не Ми дадовте да се напијам, кога бев патник не Ме прибравте;
43кога бев без облека, не Ме облековте, кога бев болен и в затвор, вие не Ме посетивте.‘
44Тогаш и тие ќе Му речат: ,Господе! Кога сме Те виделе гладен или жеден, како патник или без облека, болен или в затвор, па не сме Ти помогнале?‘
45А Тој ќе им одговори: ,Штом не сте направиле ништо за еден од Моите најмали луѓе, не сте направиле ни за Мене!‘“
46Потоа Исус заклучи: „Овие луѓе ќе добијат вечна казна, а праведниците вечен живот.“

موجودہ انتخاب:

Maтеј 25: MNT

سرخی

شئیر

کاپی

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion آپ کے تجربے کو ذاتی بنانے کے لیے کوکیز کا استعمال کرتا ہے۔ ہماری ویب سائٹ کا استعمال کرتے ہوئے، آپ ہماری کوکیز کے استعمال کو قبول کرتے ہیں جیسا کہ ہماری رازداری کی پالیسیمیں بیان کیا گیا ہے۔