YouVersion Logo
تلاش

Maтеј 23

23
1Потоа Исус им се обрати на луѓето и на Своите ученици:
2„Вероучителите и фарисеите се овластени да ве поучуваат од Мојсеевиот Закон.
3Затоа, извршувајте го и слушајте го она што тие го проповедаат; но не угледувајте се на нив, бидејќи тие не го практикуваат тоа што го проповедаат.
4Тие им товарат на луѓето тешки товари кои одвај можат да се носат, а самите ни со прст не помагаат.
5Си што прават тие, го прават за да се покажат пред луѓето: со себе носат дебели молитвеници, си пришиваат долги реси на своите мантии,
6ги сакаат почесните места на гозбите и челните места по храмовите;
7сакаат да бидат поздравувани на јавни места и нарекувани со почесни титули.
8А вие немојте да се нарекувате со почесни титули, бидејќи само Еден е Тој што заслужува почесна титула, а сите вие сте браќа.
9И на никого на Земјава не обрнувајте му се со „Оче“, зашто имате само еден Отец, а тоа е Бог на небото.
10Не треба да се нарекувате ни водачи, зашто имате само еден Водач, а тоа е Месијата.
11Најголемиот меѓу вас нека ви биде слуга,
12зашто, кој се возвишува, ќе биде понижен, а кој се понизува, ќе биде возвишен.“
13„Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Вие пред носот на луѓето им ги затворате вратите на небесното царство: ниту вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние кои се обидуваат!
14(Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Вие ги искористувате вдовиците и ги ограбувате нивните домови, а потоа редите долги молитви! Затоа вие ќе бидете посурово казнети!)
15Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Океани и земји обиколувате за да придобиете еден следбеник, а кога ќе го придобиете го претворате во син на пеколот, двапати полош од вас!
16Тешко вам, слепи водачи, кои велите: ,Ако некој се заколне во Божјиот храм, тоа на ништо не го обврзува, но ако се заколне во црковното злато, тогаш, тоа го обврзува!‘
17Безумници и слепци ниедни! Што е поважно: златото или храмот што го прави златото да биде свето!?
18И ова го велите: ,Ако некој се заколне во олтарот, тоа на ништо не го обврзува, а ако се заколне во жртвениот прилог на олтарот, тогаш, тоа го обврзува!‘
19Слепци ниедни! Што е поважно: жртвениот прилог на олтарот или олтарот што го прави прилогот да биде свет!?
20Тој што се заколнува во олтарот, се заколнува во него и во си што е на него!
21Тој што се заколнува во храмот, се заколнува во него и во Бога Кој е присутен во него!
22Тој што се заколнува во небото, се заколнува во Божјиот престол и во Бога, Кој седи на него!
23Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Вие давате десеток од зачините, како што се нането, копрата и кимот, а ги запоставувате најважните барања на Божјиот Закон: праведноста, милоста и верата! Да, десеток треба да давате, но не смеете да ги запоставувате најважните работи.
24Слепи водачи ниедни! Комарец цедите, а камила голтате!
25Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Чашите и чиниите однадвор ги миете, а однатре се полни со она што сте го зеле преку грабеж и себично лакомство!
26Слеп фарисеју! Прво нека биде чисто тоа што е во чашата, па ќе ђ биде чиста и надворешноста!
27Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Вие сте како варосани гробови кои однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со коски на мртовци и со изгниени трупови!
28На луѓето им се прикажувате како праведници, а однатре сте полни со лицемерство и гревови!“
29„Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Вие им ѕидате гробници на пророците и ги украсувате спомениците на праведниците,
30и велите: ,Да живеевме во времето на нашите предци, ние немаше да соучествуваме во убивањето на пророците!‘
31Така самите признавате дека сте им потомци на оние што ги убиваа пророците!
32Затоа, ајде, довршете го делото на вашите предци!
33Змии ниедни и змиски рожби! Како ќе ја избегнете пресудата за во пеколот!?
34Затоа, еве, испраќам меѓу вас пророци и мудри луѓе и вероучители, а вие некои од нив ќе убиете, на крст ќе ги распнете, а некои ќе ги камшикувате по синагогите и ќе ги прогонувате од еден град во друг.
35Така, врз вас ќе падне казната за сите невини жртви на Земјата, од убиството на праведниот Авел до убиството на Захарија, синот на Берекија, кого го убивте меѓу храмот и жртвеникот!
36Ве уверувам дека казната за сите овие убиства ќе падне врз оваа генерација!
37Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и ги каменуваш Божјите пратеници испратени во тебе! Колкупати сакав да ги закрилам твоите жители како квачката што ги собира пилињата свои под крилјата, но вие не сакавте!
38Затоа, вашиот храм ќе ви се препушти вам и ќе запусти.
39Ви кажувам дека отсега нема да Ме видите си додека не речете: ,Благословен да биде Оној што доаѓа во името на Господ!‘“

موجودہ انتخاب:

Maтеј 23: MNT

سرخی

شئیر

کاپی

None

کیا آپ جاہتے ہیں کہ آپ کی سرکیاں آپ کی devices پر محفوظ ہوں؟ Sign up or sign in

YouVersion آپ کے تجربے کو ذاتی بنانے کے لیے کوکیز کا استعمال کرتا ہے۔ ہماری ویب سائٹ کا استعمال کرتے ہوئے، آپ ہماری کوکیز کے استعمال کو قبول کرتے ہیں جیسا کہ ہماری رازداری کی پالیسیمیں بیان کیا گیا ہے۔