Maтеј 22

22
1Продолжувајќи да им зборува преку споредби, Исус им рече:
2„Небесното царство може да се спореди со цар кој приредува свадба за својот син.
3Ги испраќа своите слуги да ги повикаат поканетите на свадбата, но овие не сакаат да дојдат.
4Повторно испраќа други слуги да им порачаат на поканетите: ,Гозбата е приготвена, јунците и телињата се заклани, си е готово, повелете на свадбата!‘
5Меѓутоа, поканетите не сакаат да чујат, туку си заминуваат, кој на нива, кој на пазар.
6Некои од нив дури ги тепаат слугите и ги убиваат.
7Тогаш царот се налутува и испраќа војска да ги погуби убијците и да им го запали градот.
8Потоа ги повикува своите слуги и им вели: ,Гозбата е приготвена, но поканетите не се покажаа достојни.
9Тргнете сега по раскрсниците и поканете го на свадбата секого што ќе го сретнете.‘
10Така, слугите одат и ги доведуваат сите што ќе ги најдат, и добри и лоши. И свадбената сала се наполнува со гости.
11Тогаш влегува и царот да се сретне со гостите. Забележува еден човек кој не носи свечена облека и го прашува:
12,Пријателе, зошто си дошол овде без свечена облека?‘ А тој молчи.
13Тогаш царот им заповеда на слугите: ,Врзете му ги нозете и рацете и фрлете го во најдлабоката темница. Таму ќе има лелекање и чкрипење со заби!‘
14Зашто, иако мнозина се поканети, малцина се избрани“ заклучи Исус.
15Тогаш фарисеите се повлекоа и почнаа да се договараат како да го уловат Исус да каже нешто за што ќе можат да Го обвинат.
16Испратија кај Него некои од своите ученици и од приврзаниците на Ирод, да Го прашаат: „Учителе, познато ни е дека Ти си справедлив и дека секогаш ја зборуваш вистината за Божјиот пат, без оглед на тоа што ќе мислат луѓето, зашто не гледаш кој е кој.
17Кажи ни, тогаш, според Тебе, право ли е да му плаќаме данок на римскиот император или не?“
18А Исус, знаејќи ја нивната подмолна намера, им рече: „Лицемери едни! Зошто сакате да Ми поставите стапица? Покажете ми една римска пара со која плаќате данок!“
19Тие му подадоа една пара,
20а Тој ги праша: „Чиј лик и име се втиснати на парава?“
21„На императорот!“ му одговорија тие. Тогаш Исус им рече: „Дајте му го на императорот тоа што му припаѓа на императорот, а на Бога тоа што Му припаѓа на Бога!“
22Тие останаа вчудовидени од ваквиот одговор, па Го оставија и си заминаа.
23Истиот ден кај Исус дојдоа некои садукеи, кои тврдеа дека не постои воскресение од мртвите. Тие Му се обратија вака:
24„Учителе! Мојсеј рекол дека, доколку некој маж умре без да остави пород, неговиот брат е должен да ја земе братовата вдовица за жена и да му подигне потомство на својот починат брат.
25Кај нас живееја седум браќа. Најстариот умре без пород и му ја остави жена си на својот брат.
26Но истото се случи и со вториот и со третиот, си до седмиот.
27Најпосле умре и жената.
28Чија ќе биде жената на денот на воскресението, кога таа била мажена за сите седуммина?“
29„Вие сте во заблуда“ им рече Исус „бидејќи не ги познавате ниту Светото Писмо ниту Божјата сила!
30Зашто, кога луѓето ќе воскреснат, тие нема да бидат ни женети ни мажени, туку ќе бидат како ангелите на небото.
31А што се однесува до воскресението на мртвите, зар не сте го прочитале тоа што ви го вели Бог:
32,Јас Сум Бог на Авраам, Бог на Исак и Бог на Јаков!‘ Значи, тие се живи, а не мртви, зашто Тој не е Бог на мртвите, туку на живите!“
33Слушајќи го ова излагање на Исус, народот беше воодушевен.
34Кога фарисеите разбраа дека Исус ги замолкнал садукеите, се собраа заедно,
35и еден од нив, кој беше вероучител, сакајќи да Му постави стапица, Го праша:
36„Учителе! Која е најважната заповед во Божјиот Закон?“
37Исус му одговори: „Сакај Го Господ, својот Бог, со сето срце, со сета душа и со сиот разум“.
38Тоа е првата и наедно најважната заповед.
39А втората е слична на првата, и гласи: „Сакај го својот ближен како самиот себе!“
40Основата на целиот Божји Закон и целото учење на пророците, се овие две заповеди.
41Кога се насобраа поголем број фарисеи, Исус ги запраша:
42„Што мислите, чиј потомок е Месијата?“ Тие Му одговорија: „Давидов!“
43А Исус им рече: „Како тогаш Давид, поттикнат од Божјиот Дух, го нарече Месијата ,Господ‘, кога рече:
44,Му рече Јахве на Мојот Господ: седни од Мојата десна страна, додека не ги соборам Твоите непријатели под нозете Твои!‘
45Значи, ако Давид го нарече Месијата ,Господ‘, како може, тогаш, Тој да му биде потомок?“
46На ова никој не можеше да Му одговори ни збор на Исус и од тој ден никој повеќе не се осмелуваше да Му поставува прашања.

موجودہ انتخاب:

Maтеј 22: MNT

سرخی

شئیر

کاپی

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion آپ کے تجربے کو ذاتی بنانے کے لیے کوکیز کا استعمال کرتا ہے۔ ہماری ویب سائٹ کا استعمال کرتے ہوئے، آپ ہماری کوکیز کے استعمال کو قبول کرتے ہیں جیسا کہ ہماری رازداری کی پالیسیمیں بیان کیا گیا ہے۔