Parallel

Матеј 3

3
1Во тие дни дојде Јован Крстител и проповедаше во пустината Јудејска, велејќи:
2”Покајте се, зашто се приближи царството небесно!”
3Зашто тој е оној, за кого пророкот Исаија рече: „Гласот на оној, кој вика во пустината: Пригответе го патот на Господа, направете ги прави Неговите патеки!
4А сам Јован имаше облека од камилски влакна и кожен појас околу слабините; а скакулците и дивиот мед му беа храна.
5Тогаш излегуваа кон него: Ерусалим, цела Јудеја и целата Јорданска околина,
6и тој ги крштаваше во реката Јордан, а тие ги исповедуваа своите гревови.
7Штом виде многу фарисеи и садукеи дека доаѓаат да ги крсти, им рече: „Породи змијски, кој ве предупреди да бегате од гневот што доаѓа?
8Затоа, принесувајте плодови достојни на покајание,
9и не мислете да речете во себеси: Авраам е наш татко, зашто ви велам, Бог може од овие камења да му издигне чеда на Авраама.
10Секирата веќе лежи при коренот на дрвјата; затоа секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган.
11Јас ве крштавам во вода за покајание; но Оној, Кој доаѓа по мене е посилен од мене, Кому јас не сум достоен да Му ги понесам обувките. Тој ќе ве крсти во Светиот Дух и оган.
12Лопатата е во Неговата рака, и ќе го очисти Своето гумно, и ќе го собере Своето жито во житницата; а плевата ќе ја изгори со неизгорлив оган.”
13Тогаш Исус дојде од Галилеја до Јордан при Јована, за да се крсти од него.
14А Јован го одвраќаше, велејќи: „Јас имам потреба да се крстам од Тебе, а Ти доаѓаш при мене?”
15А Исус му одговори: „Позволи го сега тоа, зашто така ни прилега да ја исполниме сета правда.” Тогаш тој Му позволи.
16А кога Исус беше крстен, веднаш излезе од водата. И ете, небесата Му се отворија и го виде Духот Божји да слегува како гулаб и да се спушта над Него.
17И ете, глас од небесата говореше: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого Ми е милината!”