Parallel

Матеј 9

9
Фатениот. Матеј и учениците Јованови. Ќерката на Јаира и жената што боледува од крвотечение. Двајца слепи и еден нем.
1Тогаш Он влезе во еден кораб, се врати назад и пристигна, во својот град.
2И ете, донесоа при Него еден фатен, положен на постела. Па кога ја виде Исус нивната вера, на фатениот му рече: »Не плаши се чедо! Ти се простуваат гревовите твои!«
3Тогаш некои од книжниците рекоа во себе: »Овој богохулствува.«
4А Исус, штом ги разбра мислите нивни, рече: »Зошто мислите лошо во срцата ваши?
5Или, што е полесно? Да кажам: ‚Ти се простуваат гревовите твои!‘ или да кажам: ‚Стани и оди!‘?
6Но за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштава гревови.« Тогаш му рече на фатениот: »Стани, земи си ја постелата и оди си дома!«
7И тој стана, ја зеде постелата своја и си отиде дома.
8А народот, кога го виде тоа, се зачуди и Го прослави Бога, Кој им дал таква власт на луѓето.
9А кога си одеше оттаму, Исус виде еден човек, по име Матеј, како седи на митница, и му рече: »Врви по Мене!« И тој стана и тргна по Него.
10И кога седеше Исус на трпеза дома, одеднаш мнозина митници и грешници дојдоа и седнаа до Него и до учениците Негови.
11Но, штом го видоа тоа фарисеите, им рекоа на учениците Негови: »Зошто вашиот Учител јаде и пие со митници и грешници?«
12А Исус, кога го чу тоа, им рече: »Здравите немаат нужда од лекар, а болните;
13одете и научете се што значи: ‚Милост сакам, а не жртва‘. Зашто не сум дошол да ги повикам праведниците, туку грешниците, на покајание.«
14Тогаш дојдоа при Него учениците Јованови и рекоа: »Зошто ние и фарисеите постиме многу, а Твоите ученици не постат!«
15А Исус им рече: »Зар можат сватовите да бидат нажалени додека е со нив младоженецот? Но ќе дојдат дни, кога младоженецот ќе се оттргне од нив, па тогаш и тие ќе постат.
16Зашто никој од нив не крпи стара облека со нова крпа, оти таа ќе се отшие од старото и отворот ќе биде поголем;
17ниту, пак, се става ново вино во стари мевови; инаку, мевовите ќе напукаат, и виното ќе истече и мевовите ќе пропаднат; туку ново вино се става во нови мевови, па така ќе се запази и едното и другото.«
18Додека Он им говореше за тоа, ете некаков началник се приближи до Него, Му се клањаше и велеше: »Ќерка ми умре сега; туку дојди, положи ја раката Своја над неа и таа ќе оживее.«
19И како стана Исус, тргна по него, заедно со учениците свои.
20И ете, една жена, која беше страдала дванаесет години од крвотечение, се приближи одзади и се допре до крајот на облеката Негова.
21Зашто си велеше: »Само ако се допрам до облеката Негова, ќе оздравам.«
22А Исус, штом се заврте и ја виде, рече: »Не плаши се, ќерко, верата твоја те спаси!« И оздраве жената во тој час.
23И кога дојде Исус во куќата на началникот и ги виде свирачите и народот збунети,
24им рече: »Излезете надвор, зашто девојката не е умрена, туку спие.« А тие Му се потсмеваа.
25Но штом го истера народот, Он влезе, ја фати момата за рака и таа стана.
26И се расчу тоа по целиот тој крај.
27А кога Исус си одеше оттаму, тргнаа по Него двајца слепи и викаа: »Помилуј нѐ, Исусе, сине Давидов!«
28А штом дојде в куќи, слепците се приближија до Него. И Исус им рече: »Верувате ли дека можам да го направам тоа?« Тие му рекоа: »Да, Господи!«
29Тогаш се допре до очите нивни и рече: »Нека ви биде според верата ваша!«
30И очите им се отворија; а Исус им заповеда строго: »Гледајте никој да не узнае!«
31А тие, штом излегоа, разгласија за Него по целата таа земја.
32Додека тие излегуваа, ете, доведоа при Него еден човек нем и бесен.
33По изгонувањето на бесот, немиот проговори. А народот се чудеше и говореше: »Никогаш такво нешто не станало во Израилот!«
34А фарисеите велеа: »Он ги изгонува бесовите со силата на началникот на ѓаволите.«
35И одеше Исус по сите градови и села, и поучуваше по нивните синагоги, го проповедаше Евангелието на царството и лекуваше секаква болест и немоќ во народот.
36А штом виде многу народ, се сожали, зашто беа изморени и прснати како овци без пастир.
37Тогаш им рече на своите ученици: »Жетвата е голема, а работници малку;
38затоа помолете Го Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва.«