4
Исуса Го искушува сатаната; почнува да учи, ги повикува првите ученици и лекува секаква болест.
1Тогаш Духот Го одведе Исуса во пустината за да биде искушуван од ѓаволот.
2И како постеше четириесет дни и четириесет ноќи, најпосле огладне.
3А кога се приближи до Него, искушувачот Му рече: »Ако си Син Божји, кажи овие камења да станат лебови.«
4А Он му одговори и рече: »Напишано е – ‚Не само од леб ќе живее човекот, а од секој збор што излегува од устата на Бога.‘«
5Тогаш ѓаволот Го одведе во Светиот град и Го постави на храмовата стреа,
6и Му рече: »Ако си син Божји, скокни долу, зашто во Писмото стои: ‚На ангелите Свои ќе заповеда за Тебе да Те запазат и на раце ќе Те земат за да не Си ја сопнеш некако ногата од камен.‘«
7А Исус му рече: »Напишано е исто така – ‚Не искушувај Го Господа, Твојот Бог‘.«
8Го одведе ѓаволот потоа на многу висока планина, и Му ги покажа сите царства на светот и нивната слава,
9и Му рече: »Сето ова ќе Ти го дадам, ако паднеш и ми се поклониш.«
10Но Исус му рече: »Бегај од Мене, сатано, зашто е напишано: ‚На Господа, твојот Бог, да Му се поклонуваш и само Нему да Му служиш!‘«
11Тогаш ѓаволот Го остави и ете дојдоа ангели и Му служеа.
12А кога чу Исус дека Јован е предаден, отиде во Галилеја;
13И кога го остави Назарет, дојде и се насели во Капернаум приморски, во пределите Завулонови и Нефталимови,
14за да се исполни реченото преку пророкот Исаија, кој вели:
15Земјата Завулонова и земјата Нефталимова, на пат кон морето, отаде Јордан, е незнабожечка Галилеја.
16»Народот, што седеше во мрак, виде голема светлина и на оние, што седеа во место на сенка смртна, им изгреа светлина.«
17Оттогаш почна Исус да проповеда и да говори: »Покајте се, зашто се приближи царството небесно!«
18И одејќи покрај Галилејското море, ги виде двајцата браќа, Симона, наречен Петар, и брата му Андреја, како фрлаат мрежа во морето, бидејќи беа рибари,
19и им рече: »Појдете по Мене, и Јас ќе ве направам ловци на луѓе.«
20И ете, тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него.
21Потоа, одејќи, понатаму виде други двајца браќа: Јакова Заведеев и брата му Јована, во Кораб со Заведеја, таткото нивни, кои си ги крпеа мрежите свои, и ги повика.
22И тие наеднаш го оставија коработ и татка си и тргнаа по Него.
23И одеше Исус по цела Галилеја и, кога поучуваше по синагогите, го проповедаше Евангелието на царството и лекуваше секаква болест и немоќ кај народот.
24Па се разнесе глас за Него по цела Сирија и ги доведуваа при Него сите болни, нападнати од различни болести и страдања, и бесни, и месечари, и фатени – а Он ги лекуваше.
25И по него одеше многу народ од Галилеја и од Десеттоградието, од Ерусалим и од Јудеја, отаде Јордан.