Parallel

Матеј 13

13
Седумте параболи за царството Божјо. Исус е презрен во својот роден крај.
1И како излезе Исус тој ден од куќата, седна покрај морето.
2И се собра околу Него многу народ, така што Он влезе во кораб и седна, а целиот народ стоеше на брегот.
3И им говореше многу во параболи, велејќи: »Ете, излезе сејач да сее;
4и кога сееше, едни зрна паднаа покрај патот, долетаа птици и ги исколваа.
5Други паднаа на каменито место, каде што немаше многу земја, и набргу проникнаа, оти земјата не беше длабока.
6Но, штом изгреа сонцето, тие свенаа, па, како да немаа корен, се исушија.
7Некои паднаа во трње и израсна трњето и ги задуши.
8Други паднаа на добра земја и дадоа добар плод: едно сто, друго шеесет, а друго триесет.
9Кој има уши да слуша, нека чуе!«
10И кога се приближија до Него учениците, Му рекоа: »Зошто во параболи им зборуваш?«
11А Он им одговори и рече: »Зашто вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството небесно, а ним не им е дадено.
12Оти, кој има ќе му се даде и ќе му се преумножи; а кој нема, ќе му се земе и она што го има;
13Затоа им зборувам во параболи, оти гледаат и не виѓаваат; слушаат и не чујат, ниту, пак, разбираат;
14и над нив се исполнува пророкувањето на Исаија, кое вели: ‚Со уши ќе чуете и нема да разберете, со очи ќе гледате и нема да видите;
15срцето на овие луѓе закоравело, и со ушите тешко слушаат; и ги затвориле очите свои да не би некогаш со очите да видат и со ушите да чујат и со срцето да разберат, та да не се покајат и да не ги исцелам.‘
16Вашите, пак, очи се блажени, оти гледаат, и ушите ваши – бидејќи слушаат;
17зашто, вистина, ви велам: многу пророци и праведници сакаа да видат што гледате вие, и не видоа, и да чујат што слушате вие, и не чуја.
18Вие, пак, чујте ја параболата за сејачот:
19при секого, што го слуша словото за царството и не го разбира, доаѓа лукавиот и го граби посеаното во срцето негово; ете, тоа означува посеаното покрај патот.
20А посеаното на камен е оној, што го слуша словото и веднаш со радост го прима;
21но нема во себе корен и е непостојан: настане ли жалост или гонење заради словото, веднаш се соблазнува.
22Посеаното, пак, во трње е оној што го слуша словото, но грижите од овој свет и примамливото богатство го задушуваат словото и тоа останува без род.
23А посеаното на добра земја е оној, што го слуша словото и го разбира, и дава плод: еден сто, друг шеесет, а друг триесет.«
24И друга парабола им кажа, велејќи: »Царството небесно прилега на човек, што посеал добро семе на својата нива;
25но, кога спиеја луѓето, дојде неговиот непријател и посеа меѓу житото какол, па си отиде.
26А кога израсна растението и донесе плод, тогаш се појави и каколот.
27И кога дојдоа слугите на стопанот, му рекоа: ‚Господаре, нели добро семе посеа на нивата своја? Од каде сега, пак, овој какол во неа?‘
28А он им рече: ‚Човек непријател го прави тоа.‘ Слугите, пак, му рекоа: ‚Сакаш ли да одиме и да го исплевиме?‘
29Но тој им рече: ‚Не, да не би, корнејќи го каколот, да искорнете заедно со него и жито;
30оставете нека расте и едното и другото заедно, до жетвата; а по жетвата ќе им кажам на жетварите: соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови, за да се изгори; а житото приберете го во мојата житница‘.«
31И друга парабола им кажа, кога рече: »Царството небесно прилега на зрно синапово, кое човек го зема и посеа на нивата своја;
32тоа е најмало од сите семиња, но, кога ќе израсне, поголемо е од сите растенија, па станува дури и дрво – така што птиците небески долетуваат и застануваат на неговите гранки.«
33И друга парабола им кажа: »Царството небесно прилега на квас, што го зема жена и го клава во три мери брашно, дури не скисне сето.«
34Сето ова му го зборуваше Исус на народот во параболи и без приказни не им говореше ништо;
35за да се исполни реченото преку пророкот кој вели: »Со параболи ќе ја отворам устата Своја; ќе ги искажам тајните од создавањето на светот«.
36Тогаш Исус го остави народот и влезе во една куќа. А учениците се приближија до Него и Му рекоа: »Протолкувај ни ја параболата за каколот на нивата!«
37А Он им одговори и рече: »Сејачот на доброто семе е Синот Човечки;
38нивата е овој свет; доброто семе, тоа се синовите на царството, а каколот – синовите на лукавиот;
39непријателот, пак, што го посеа, е ѓаволот; жетвата е свршетокот на светот, а жетварите се ангелите.
40И така, како што се собира плевата и се гори во оган, така ќе биде и при свршетокот на овој свет;
41ќе испрати Синот Човечки Свои ангели и ќе ги соберат сите соблазни од Неговото царство, и оние што вршат незаконски дела,
42и ќе ги фрлат во жарена печка; таму ќе биде плач и крцкање со заби.
43Тогаш праведниците ќе светнат како сонце во царството на нивниот Отец. Кој има уши да слуша, нека чуе!
44Царството небесно прилега уште и на драгоценост, сокриена во нива, која ја нашол човек и прикрил, па, од радост за неа, отишол и продал сѐ што имал, и ја купил таа нива.
45Царството небесно прилега и на трговец, кој бара убави бисери;
46па, штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава сѐ што има и го купува.
47Царството небесно прилега, исто така, и на мрежа, која се фрла во морето и уловува секакви риби:
48и кога ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот и седнуваат, па добрите риби ги собираат во садови, а лошите ги фрлаат.
49Така ќе биде и при свршетокот на светот: ќе излезат ангелите и ќе ги одделат лошите од праведните,
50и ќе ги фрлат во вжарена печка: таму ќе биде плач и крцкање со заби.«
51И ги праша Исус: »Дали го разбравте сево ова?« Тие Му одговорија: »Да, Господи!«
52А Он им рече: »Затоа секој книжник, кој се научил за царството небесно, прилега на домаќин што изнесува од своето сокровиште ново и старо.«
53И, откако ги кажа Исус овие параболи, си замина оттаму.
54А штом дојде во својот роден крај, го поучуваше народот во синагогите нивни. И сите се чудеа и велеа: »Од каде при Него ваква премудрост и сили?
55Не е ли Овој син на дрводелецот? Мајка Му не се ли вика Марија, и браќата негови – Јаков и Јосија, Симон и Јуда?
56И сестрите Негови не се ли сите меѓу нас? Од каде, пак, сето тоа при Него?«
57И се соблазнија заради Него. А Исус им рече: »Нема пророк без чест, освен во земјата негова и во домот негов.«
58И не изврши таму многу чудеса заради нивното неверување.