Chapa ya Youversion
Ikoni ya Utafutaji

Даниил 14

14
Даниил не му се поклонува на Вила. Даниил ја открива измамата. Даниил во јамата на лавовите.
1Царот Астијаг се прибра при своите татковци, а него го наследи Персиецот Кир.
2А Даниил живееше со царот заедно и беше пославен од сите свои пријатели.
3Кај Вавилонците имаше идол, именуван Вил, на кој секој ден му принесуваа дванаесет мери најубаво пченично брашно, четиринаесет овци и шест мери вино.
4Царот го почитуваше и одеше секој ден да му се поклонува, а Даниил Му се поклонуваше на својот Бог. Затоа царот го праша Даниила: »Зошто не му се поклонуваш на Вила?«
5Тој му одговори: »Затоа што не им се поклонувам на идоли, направени од човечки раце, туку Му се поклонуван на живиот Бог, Кој ги создал небото и земјата и Кој владее над секое тело.«
6Тогаш царот му рече: »Мислиш ли ти дека Вил не е жив бог? Не гледаш ли колку тој јаде и пие секој ден?«
7Кога се насмевна, Даниил рече: »Царе, не мами се; одвнатре тој е глина, а однадвор е од бронза; тој никогаш ни јал ниту пиел.«
8Тогаш царот, откако се разгневи, ги повика сите жреци и им рече: »Ако не ми кажете кој ја јаде сте оваа храна, ќе умрете.
9Ако пак ми докажете дека ја јаде Вил, тогаш ќе умре Даниил затоа што го похули.« А Даниил му рече на царот: »Нека биде според твојот збор.«
10Имаше седумдесет жреци, освен жени и деца.
11И дојде царот со Даниила во храмот на Вила, а жреците на Вила рекоа: »Царе, ете, ние ќе излеземе надвор, а ти стави ја храната и, откако го налееш виното, затвори ја вратата и запечати ја со твојот прстен.
12Па утре, кога ќе дојдеш и не најдеш дека Вил изел сѐ, нека умреме ние или нашиот клеветник Даниил, кој лажел против нас.«
13Тие не се плашеа од тоа, што го рекоа, зашто под трпезата беа направиле таен влез и низ него секогаш влегуваа и ја јадеа сета храна.
14Кога тие излегоа, царот ја стави храната пред Вила, а Даниил им заповеда на своите слуги, и тие донесоа пепел, па, во присуство на царот, го посипаа целиот храм. Тогаш излегоа, ја затворија вратата, ја запечатија со царскиот прстен и си отидоа.
15А жреците, според својот обичај, дојдоа преку ноќта заедно со своите жени и деца, па изедоа и испија сѐ.
16Утредента царот стана рано и дојде во храмот, и Даниил дојде со него.
17Царот запраша: »Данииле, дали се печатите неповредени?« Тој му одговори: »Да, царе, тие не се повредени.«
18И штом ја отворија вратата, царот, откако ја погледна трпезата, извика со силен глас: »Велик си, Виле, и во тебе нема никаква измама!«
19Откако се насмевна, Даниил го задржа царот, за да не влезе внатре, и му рече: »Погледај го подот и испитај чии се овие стапалки.«
20А царот рече: »Гледам стапалки на мажи, жени и деца.«
21И царот се разгневи многу и заповеда да ги фатат жреците и нивните жени и деца, за да ја покажат тајната врата, низ која влегувале и иезедувале сѐ што било на трпезата.
22Тогаш царот заповеда да ги погубат, а идолот Вил да му го предадат на Даниила, а тој да го разурне него и неговиот храм.
23А на тоа место имаше и еден голем змеј, кого го почитуваа Вавилонците.
24Царот му рече на Даниила: »Нема ли за него да речеш дека е бронза? Ете, тој е жив, и јаде и пие; не можеш да кажеш дека овој бог не е жив; па затоа поклони му се.«
25Даниил му одговори на царот: »Јас Му се поклонувам на Господа, мојот Бог, зашто Он е жив.
26Но, ти, царе, дозволи ми, јас ќе го убијам змејот, без меч и без стап.« Царот му рече: »Ти давам дозвола.«
27Тогаш Даниил зеде смола, лој и влакна, ги свари заедно, па, откако направи од тоа грутка, му ја фрли во устата на змејот, а змејот ја проголта грутката и се расцепи. А Даниил рече: »Ете, гледајте на што се поклонувате!«
28Кога Вавилонците слушнаа за тоа, многу се разгневија, се кренаа против царот, велејќи: »Царот стана Јудеец, го разурна Вила, го уби змејот и жреците ги предаде на смрт.«
29Па, кога дојдоа кај царот, му рекоа: »Предај ни го Даниила, инаку ќе те убиеме и тебе и твојот дом.«
30И кога виде царот дека силно настојуваат, беше принуден да им го предаде Даниила.
31Тие го фрлија во лавовска јама, а тој остана таму шест дена.
32Во јамата имаше седум лавови, на кои секој ден им даваа по два вола и по две овци; но во тоа време не им ги даваа, за да го изедат Даниила.
33Во тоа време имаше во Јудеја еден пророк, по име Авакум, кој токму што беше сварил каша и надробил леб во сад и одеше кон својата нива, за да им го однесе тоа на жетварите.
34Но Ангел Господов му рече на Авакума: »Ова јадење што го имаш, однеси му го во Вавилон на Даниила, кој е во лавовската јама.«
35А Авакум одговори: »Господи, јас никогаш не сум го видел Вавилон и не ја знам таа јама.«
36Тогаш Ангелот Господов го фати Авакума за темето и, откако го подигна за косата од неговата глава, го однесе во Вавилон и го спушти кај јамата со силата на својот дух.
37Авакум извика и рече: »Даниила, Данииле, земи го јадењето што ти го испраќа Бог!«
38А Даниил рече: »Боже, Ти си спомна за мене; Ти не ги оставаш оние што Те љубат.«
39И стана Даниил и јадеше, а Ангелот Божји веднаш го врати Авакума во земјата негова.
40Седмиот ден дојде царот, за да го оплаче Даниила и, откако се приближи до јамата, се наведна во неа, кога, ете, го виде Даниила како седи.
41Тогаш извика со висок глас и рече: »Велик си Ти, Господи, Боже Даниилов, и нема друг Бог освен Тебе!«
42Па заповеда царот да го извадат Даниила од јамата, а во неа да ги фрлат оние што сакаа него да го погубат, и лавовите ги изедоа веднаш, пред неговите очи.

Iliyochaguliwa sasa

Даниил 14: MK1990

Kuonyesha

Shirikisha

Nakili

None

Je, ungependa vivutio vyako vihifadhiwe kwenye vifaa vyako vyote? Jisajili au ingia