Даниил 13
13
Даниил ја избавува Сузана.
1Во Вавилон живееше еден човек по има Јоаким.
2Тој се ожени со Сузана, ќерката на Хелкија, многу убава и богобојазлива.
3Нејзините родители беа праведни и својата ќерка ја научија на Мојсеевиот закон.
4Јоаким беше многу богат и имаше градина близу до својата куќа; при него се собираа Јудејците, зашто беше многу почитуван од сите.
5Во тоа време избраа двајца старци од народот за судии, за кои Господ беше рекол, дека безаконието е излезено од Вавилон од старешините – судии, кои се сметаа за управници на народот.
6Тие постојано го посетуваа домот на Јоакима, а кон нив се обрнуваа сите што имаа спорни дела.
7Кога народот се разотидуваше попладне, Сузана влегуваше во градината на својот маж, каде се шеташе.
8Тие двајца старци ја гледаа, дека секој ден доаѓа да се шета, и кај нив се појави грешна желба кон неа.
9Од тоа го загубија својот разум и ги свртија своите очи – да не гледаат на небото и да не си спомнуваат за праведните одредби.
10Обајцата беа ранети од похотта кон неа, но еден на друг не си ја откриваа својата болка,
11оти се срамуваа да си ја откријат својата желба, дека сакаат да се соединат со неа.
12И тие внимателно настојуваа секој ден да ја видат, а си велеа еден на друг:
13»Ајде да си одиме дома, зашто е време за ручек«, па, откако ќе излезеа, се разделуваат еден од друг.
14Но, кога ќе се вратеа, се враќаа на истото место, па се прашуваа за причината на тоа, и најпосле си признаа еден на друг за својата грешна желба и тогаш заедно определија време кога би можеле да ја најдат сама.
15И, ете, така чекајќи го погодниот ден, Сузана влезе, како вчера и завчера, само со две слугинки и посака да се избања, зашто беше многу топло.
16Таму немаше никого, освен двајцата старци, кои сокриени демнеа.
17Таа им рече на слугинките: »Донесете ми миризливо масло и сапун, заклучете ја вратата од градината, за да се избањам.«
18Тие направија, како што им рече, ја заклучија вратата од градината, па излегоа низ задната врата, за да донесат она што им беше заповедано и не ги видоа старците, кои беа сокриени.
19Штом слугинките излегоа, двајцата старци станаа и притрчаа кон неа и ѝ рекоа:
20»Еве, вратата од градината е затворена, никој не нѐ гледа, а ние те пожелуваме, затоа, согласи се и подај ни се.
21Ако не се согласиш, ќе сведочиме дека еден младич беше со тебе и затоа си ги испратила слугинките.«
22Тогаш Сузана заофка и рече: »Отсекаде сум притеснета: ако го направам ова, смрт ме чека; ако не го направам, нема да се извлечам од вашите раце.
23За мене е подобро да не го направам ова и да паднам во вашите раце, отколку пред Господа да згрешам.«
24И извика Сузана со висок глас, извикаа и двајцата старци против неа,
25а едниот од нив потрча и ја отвори вратата од градината.
26Кога оние, што беа во куќата, ги чуја викотниците во градината, потрчаа кон задната врата, за да видат што се случува со неа.
27И откако старците ја раскажаа својата приказна, слугите многу се засрамија, зашто никогаш такво нешто не беа слушнале за Сузана.
28И, ете, утредента, кога се беше собрал народот кај Јоакима, нејзиниот маж, дојдоа и двајцата старци, наполнети со безбожна замисла, за да ја предадат Сузана на смрт.
29Тие рекоа пред народот: »Испратете да ја доведат сузана, ќерката на Хелкија и жената на Јоакима;« и испратија по неа.
30Дојде таа и родителите нејзини, и децата нејзини и сите роднини нејзини.
31А Сузана беше многу нежна и убава на лице.
32Оние безбожници заповедаа да ѝ го откријат лицето, зашто беше покриена, за да се наситат на нејзината убавина.
33Роднините нејзини и сите, кои ја гледаа, плачеа.
34А двајцата старци, откако станаа среде луѓето, ги ставија своите раце на нејзината глава.
35Таа, пак, расплаката погледна кон небото, зашто срцето нејзино се надеваше на Господа.
36Старците рекоа: »Кога се шетавме сами низ градината, таа влезе со две слугинки, ја затвори вратата од градината и им рече на слугинките да си одат;
37при неа дојде еден младич, кој се криеше таму и легна со неа.
38Ние бевма во аголот на градината, па кога го видовме тоа беззаконие, потрчавме кон нив.
39Ги видовме како се соединуваат. Младичнот не можевме да го фатиме, зашто беше посилен од нас, па ја отвори вратата и избега,
40но неа ја фативме и ја прашавме: ‚Кој беше тој младич?‘ Но таа не сакаше да ни каже. За тоа ние сведочиме.«
41Луѓето им поверуваа, како на народни старешини и судии, и ја осудија на смрт.
42Сузана извика со силен глас и рече: »Боже вечни, Кој гледаш сѐ што е скриено и Кој знаеш сѐ пред да се случи!
43Ти знаеш, дека лажно сведочеа против мене, и, ете, јас умирам, а да не сум направила ништо од она, што овие пакосни луѓе измислија против мене.«
44Господ го чу нејзиниот повик,
45и кога ја водеа на смрт, Бог го возбуди светиот дух на младичот Даниил,
46и тој извика со висок глас: »Јас сум чист од нејзината крв!«
47Тогаш сите луѓе се свртеа кон него и рекоа: »Што сакаш со тоа да кажеш?«
48Застана тој меѓу нив и рече: »Толку ли сте неразумни, синови Израилеви, без да испитате и беа да ја дознаете вистината, ја осудивте ќерката Израилева?
49Вретете се во судницата, зашто овие лажно сведочеа против неа.«
50Сите луѓе веднаш се вратија, а старешините му рекоа: »Дојди, седни меѓу нас и кажи ни, бидејќи Бог на тебе ти даде старешинство.«
51Тогаш Даниил им рече: »Одделете ги еден од друг, а јас ќе ги распрашам.«
52Откако ги одделија еден од друг, го повика едниот и му рече: »Стар злодеецу, сега се покажуваат твоите гревови, што си ги направил некогаш,
53кога донесуваше неправедни пресуди, осудувајќи невини и оправдувајќи виновни, а Господ говори: ‚Невин и праведен не убивај!‘.
54А сега, ако навистина си ги видел, кажи ни под кое дрво ги виде заедно?« Тој одговори: »Под мастиковото дрво.«
55Даниил му рече: »Навистина ти излага и ќе ја загубиш твојата глава. Еве, Ангел Божји, доби заповед од Бога и ќе те расече на половина.«
56Откако го отстрани него, заповеда да го доведат другиот, па му рече: »Ти си семе Ханово, а не Јудино! Тебе те прелага убавината, гревовната желба го направи страсно твоето срце!
57Вака постапувате со ќерките Израилеви, а тие од страв ви се подаваа; но ќерката Јудина не подлегна на вашето беззаконие.«
58И така, кажи ми: »Под кое дрво ги виде заедно?« Тој одговори и рече: »Под зелениот даб.«
59Даниил му рече: »Навистина и ти излага и ќе ја загубиш твојата глава; Ангелот Божји, еве, стои со меч во раката, за да те пресече на половина, па обајцата да ве погуби.«
60Тогаш сите луѓе извикаа со висок глас и Го благословуваа Бога, Кој ги спасува оние што се надеваат на Него.
61Се кренаа против двајцата старци, кои Даниил ги изобличи со она што самите го рекоа, дека лажно сведочеле.
62Со нив постапија онака, како што мислеа да посатапат со неа; ги погубија, според законот на Мојсеја. Тој ден беше спасена невина крв.
63А Хелкија и неговата жена Го прославија Бога за својата ќерка Сузана, заедно со Јоакима, нејзиниот маж и сите нејзини роднини, зашто кај неа не се најде никакво дела срамотно.
64Од тој ден Даниил стана голем пред очите на народот.
Iliyochaguliwa sasa
Даниил 13: MK1990
Kuonyesha
Shirikisha
Nakili
Je, ungependa vivutio vyako vihifadhiwe kwenye vifaa vyako vyote? Jisajili au ingia
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016