Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 9

9
1И кога заминуваше виде човек слеп од раѓање.
2И Неговите ученици Го прашаа: „Рави, кој згрешил, тој или неговите родители, та се родил слеп?”
3Исус одговори: „Не згрешил ни тој, ниту неговите родители, туку за да се пројават Божјите дела врз него.
4Ние треба да ги извршуваме делата на Оној, Кој Ме прати, додека е ден; доаѓа ноќ, кога никој не ќе може да работи.
5Додека Сум во светот, Светлина Сум на светот.”
6Штом го рече тоа, плукна на земјата, направи кал со плунката и со неа ги намачка неговите очи,
7и му рече: „Оди, изми се во бањата Силоам; што значи: „Пратен”. Тој отиде, се изми и дојде прогледан.
8А соседите и оние, кои го гледаа порано како просјак, велеа: „Зар не е овој, кој седеше и просеше?”
9Едни велеа: „Тој е;” други велеа: „Не, а личи на него.” Тој велеше: „Јас сум!”
10Тогаш му рекоа: „Како ти се отворија очите?”
11Тој одговори: „Човекот, Кој се вика Исус, направи кал, ми ги намачка очите и ми рече: „Оди во Силоамската бања и измиј се; јас отидов, се измив и прогледав.”
12Му рекоа: „Каде е Тој?” Рече: „Не знам.”
13Го одведоа некогашниот слепец при фарисеите.
14А беше сабота, кога Исус направи кал и му ги отвори очите.
15Тогаш пак го прашаа и фарисеите - како прогледал! Тој им рече: „Ми стави кал на очите, се измив и гледам.”
16Тогаш некои од фарисеите рекоа: „Овој Човек не е од Бога, не ја празнува саботата.” Други говореа: „Како може грешен човек да прави такви чудеса?” И настана раздор меѓу нив.
17Тогаш пак му рекоа на слепиот: „Што велиш ти за Оној, Кој ти ги отвори очите?” А тој рече: „Пророк е!”
18Но Јудејците не поверуваа дека бил слеп и дека прогледал, додека не ги повикаа родителите на оној, кој прогледал,
19и ги прашаа, велејќи: „Дали е овој вашиот син, за кого велите дека се родил слеп? Како гледа сега?”
20Неговите родители одговорија: „Знаеме дека овој е нашиот син, и дека се роди слеп;
21а како гледа сега, не знаеме; или - кој му ги отвори очите - ние не знаеме. Прашајте го него, тој е возрасен, самиот нека зборува за себе.”
22Ова го рекоа неговите родители, зашто се боеја од Јудејците; бидејќи Јудејците се беа согласиле да биде исклучен од синагогата оној, кој ќе Го признае дека е Христос.
23Заради тоа неговите родители рекоа: „Возрасен е! Прашајте го него!”
24Тогаш повторно го повикаа човекот, кој беше слеп и му рекоа: „Прослави Го Бога! Ние знаеме дека Тој Човек е грешник.”
25А тој им одговори: „Дали е грешник - не знам; едно знам, дека бев слеп, а сега гледам.”
26Тогаш му рекоа пак: „Што ти стори? Како ти ги отвори очите?”
27Им одговори: „Веќе ви реков, и не чувте; што сакате да чуете повторно? Да не сакате и вие да Му станете ученици?”
28Тие го укорија и рекоа: „Ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици.
29Ние знаеме дека Бог му говорел на Мојсеја; а од каде е Овој, не знаеме.”
30Човекот им одговори и рече: „Тоа е чудното, што вие не знаете од каде е, а ги отвори моите очи.
31Знаеме дека Бог не слуша грешници, туку, ако е некој богобојазлив и ја врши Неговата волја, него го слуша.
32Откако е веков не се чуло некој да отворил очи на слепороден;
33ако Тој не беше од Бога, не би можел да направи ништо.”
34Му одговорија и рекоа: „Ти сиот си роден во гревови, и ти ќе нè учиш нас?” И го истераа надвор.
35Исус чу дека го истерале надвор, го најде и му рече: „Веруваш ли ти во Синот Божји?”
36Тој одговори и рече: „А Кој е Тој, Господине, за да верувам во Него?”
37Исус му рече: „Си Го видел, Кој зборува со тебе - Тој е.”
38А тој рече: „Верувам Господи”, и Му се поклони.
39Тогаш Исус рече: „Јас дојдов на овој свет за суд, а да прогледаат кои не гледаат и за да ослепат кои гледаат. „
40Некои од фарисеите, кои беа со Него, го чуја тоа и Му рекоа: „Да не сме и ние слепи?”
41Исус им рече: „Да бевте слепи, немаше да имате грев; но сега велите: ‘Гледаме;’ затоа гревот ви останува.”

Селектирано:

Јован 9: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност