Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 21

21
1Потоа Исус им се јави пак на учениците, на Тиверијадското Море; имено, им се јави вака:
2Симон Петар и Тома, наречен Близнак, Натанаил од Кана Галилејска и Зеведеевите синови, и други двајца од Неговите ученици, беа заедно.
3Симон Петар им рече: „Одам да ловам риби!” Му рекоа: „Доаѓаме и ние со тебе.” Така излегоа и влегоа во кораб, но таа ноќ не фатија ништо.
4А кога се разденуваше, Исус застана на брегот; но учениците не знаеја дека е Исус.
5Исус им рече: „Деца, имате ли нешто за јадење?” Му одговорија: „Немаме.”
6А Тој им рече: „Фрлете ја мрежата оддесно на коработ и ќе најдете.” И така, ја фрлија, и веќе не можеа да ја извлечат од мноштво риби.
7Тогаш ученикот - кого Исус го љубеше - му рече на Петра: „Господ е.” Штом Симон Петар чу дека е Господ, си ја препаша облеката, зашто беше необлечен, и скокна во морето.
8А другите ученици дојдоа со коработ - влечејќи ја мрежата со рибите, зашто не беа далеку од копното, туку околу двеста лакти.
9Кога пак излегоа на земјата, видоа: положена жар, и риба врз неа, и леб.
10Исус им рече: „Донесете од рибите, што ги фативте сега!”
11Тогаш Симон Петар влезе во коработ и извлече на брегот мрежа полна со големи риби - сто и педесет и три. Иако беа толку многу, мрежата не се скина.
12Исус им рече: „Дојдете и јадете!” Но ниеден од учениците не се осмели да Го праша: „Кој си Ти?”- зашто знаеја дека е Господ.
13Исус дојде, зеде леб и им даде; и риба исто така.
14Тоа веќе беше трет пат како Исус им се јави на учениците, откако воскресна од мртвите.
15Откако завршија со појадокот, Исус му рече на Симона Петра: „Симоне Јонин, љубиш ли Ме повеќе отколку овие?” тој Му рече: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.” Му рече: „Паси ги Моите јагниња!”
16Му рече пак, по вторпат: „Симоне Јонин, љубиш ли Ме?” Му рече: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.” Му рече: „Води ги Моите овци на пасење!”
17Му рече по третпат: „Симоне Јонин, Ме сакаш ли?” Петар се нажали дека по третпат го праша: „Ме сакаш ли?” И Му рече: „Господи, Ти знаеш сè, Ти знаеш дека Те сакам.” Исус му рече: „Паси ги Моите овци!”
18Вистина, вистина ти велам: кога беше помлад, се опашуваше сам и одеше каде што сакаше; но, кога ќе остариш, ќе ги рашириш твоите раце, и друг ќе те опашува и ќе те води каде што нејќеш.
19А ова го рече, навестувајќи со каква смрт ќе Го прослави Бога. Откако го кажа тоа, му рече: „Врви по Мене!”
20А Петар кога се заврти, и виде дека по нив иде ученикот, кого Исус го љубеше, кој на вечерата се потпре врз Исусовите гради и рече: „Господи, кој ќе Те предаде?”
21Штом Петар го виде, Му рече на Исуса: „Господи, а овој што?”
22Исус му рече: „Ако сакам тој да остане додека не дојдам, што ти е тебе? Ти следи Ме!”
23Така се разнесе зборот, меѓу браќата, дека оној ученик, нема да умре. А Исус не му рече, дека нема да умре, туку: „Ако сакам тој да остане додека не дојдам, што ти е тебе?”
24Овој е ученикот, кој сведочи за ова и кој го напиша ова; и знаеме дека неговото сведоштво е вистинско.
25А има и многу други работи, што ги направи Исус, но ако се запишуваше едно по едно - мислам дека напишаните книги не би можеле да бидат сместени во целиот свет. Амин!

Селектирано:

Јован 21: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност