2 САМОИЛ 19
19
ПОВТОРНО ЗАЦАРУВАЊЕ НА ДАВИД
19:1-20:26
А. Јоав го кори Давида
1И му јавија на Јоав: „Ене царот плаче и тагува по Авесалома.“ 2Така победата во оној ден се претвори во жалост за сета војска, зашто војската чу во оној ден дека царот тагува за својот син 3И во тој ден војската се врати скришно, како што скришно се поткрадува војската што се засрамила бегајќи од бој. 4А царот го покри своето лице и викаше со сиот глас: „Сине мој Авесаломе! Авесаломе, сине мој! Сине мој!“ 5Тогаш Јоав дојде кај царот во куќата и му рече: „Го срамиш денес лицето на сите свои слуги, кои што денес ти го спасија животот тебе, животот на твоите синови и на твоите ќерки, животот на твоите жени и на твоите соложници, 6зашто им искажуваш љубов на оние кои те мразат, а омраза на оние кои те љубат. Денес покажа дека ништо не ти е ни до војводите ни до војниците, зашто гледам сега дека ќе ти беше сосем право кога Авесалом би бил жив, а ние сите да загиневме денес. 7Затоа сега стани, излези и проговори им љубезно на своите војници; зашто, ти се колнам во Господа, ако не излезеш, ниеден човек не ќе остане со тебе ноќеска, и тоа ќе ти биде поголема несреќа од сите што те нашле од твојата младост па досега.“ 8Царот стана и седна при вратата. Му го јавија тоа на сиот народ, говорејќи: „Ене, царот седи при вратата.“ И целиот народ дојде пред лицето на царот (кај вратата).
Б. Давидово враќање во Ерусалим
1. Јудини старешини го повикуваат Давида да се врати
А Израелците се разбегаа секој во својот шатор. 9И сиот народ по сите Израелеви племиња се препираше, говорејќи: „Царот нѐ избави од рацете на нашите непријатели, тој нѐ избави од филистејските раце, а сега требаше да побегне од земјата пред Авесалома. 10А Авесалом кого го помазавме за цар загина во бојот. И така, зошто се двоумите да го доведете царот назад?“
11Зашто зборовите на сиот Израел стигнаа до царот и до неговата куќа. Затоа царот им порача на свештениците Садок и Авијатар: „Кажете им на јудејските старешини вака: ‘Зошто вие да бидете последни кои ќе го доведат царот во неговата куќа? 12Вие сте мои браќа, вие сте од моето месо и од моите коски. И така, зошто да бидете последни кои ќе го вратат царот?’ 13Речете му и на Амаса: ‘Не си ли ти од моите коски и од моето месо? Господ нека ми стори зло и нека ми додаде друго ако не ми бидеш војвода засекогаш над мојата војска место Јоава!’“ 14Тогаш сите луѓе на Јудиниот род се сложија како еден човек и му порачаа на царот: „Врати се со сите свои слуги!“ 15И така царот се врати и дојде до Јордан, а Јудејците беа стигнале до Галгал доаѓајќи му во пресрет на царот, за да го придружуваат царот при преминот преку Јордан.
2. Симеј се кае, Давид му проштава
16Тогаш побрза и Симеј, синот Гирин, Венијаминец од Ваурим, и слезе со Јудејците во пресрет на царот Давид. 17Имаше со себе илјада луѓе од Венијаминовото племе. И Сива, слугата на Сауловиот дом, со своите петнаесет синови и со своите дваесет слуги, дојде до Јордан пред царот. 18Добродија сплав за да ги превозат царските синови и за да направат сѐ што би му било мило. А Гериниот син Симеј се фрли пред нозете на царот кога царот сакаше да помине преку Јордан; 19и му рече на царот: „Мојот господар нека не ми припишува грев! Не спомнувај си за злото што ти го направи твојот слуга во оној ден кога мојот господар и цар излегуваше од Ерусалим. Царот нека не го зема тоа при срце! 20Твојот слуга гледа дека згрешил; затоа, еве, дојдов денес прв од сиот Јосифов дом за да му излезам во пресрет на својот господар и цар.“ 21Ама Серуиниот син Ависај проговори и рече: „Зар Симеј не заслужува смрт што го проколнуваше Господовиот помазаник?“ 22А Давид одговори: „Што имам јас со вас, Серуини синови, та ме воведувате денес во искушение? Зар би можел денес некој да биде погубен во Израел? Та сега знам дека сум денес пак цар над Израел.“ 23Тогаш царот му рече на Симеј: „Нема да загинеш!“ И царот му се заколна.
3. Мефивостеј објаснува
24И Сауловиот син Мефивостеј му слезе во пресрет на царот. Тој не ги негуваше ни своите нозе ни своите раце, не ја средуваше својата брада, не ги переше своите облеки од оној ден кога царот замина па сѐ до денот кога се врати пак во мир. 25Кога му дојде во пресрет на царот од Ерусалим, царот го праша: „Зошто не тргна со мене, Мефивостеју?“ 26А тој одговори: „Цару господару! Мојот слуга ме измами. Твојот слуга му рече: ‘Насамари ми ја ослицата, да ја јавнам и да тргнам со царот!’ Зашто твојот слуга е хром. 27Тој го наклевети твојот слуга пред мојот господар и цар. Ама мојот господар и цар е како Божји ангел: затоа прави што е добро во твоите очи. 28Зашто сиот мој татков дом немаше заслужено друго освен смрт од мојот господар цар, а ти сепак го прими својот слуга меѓу оние кои јадат на твојот стол. Па како уште имам право да се поплачувам пред царот?“ 29А царот му одговори: „Зошто уште да го тегнеш својот говор? Одредувам: ти и Сива поделете си ги нивите!“ 30Мефивостеј му рече на царот: „Нека земе и сѐ, кога мојот господар цар се врати среќно во својот дом!“
4. Давид го благословува стариот Галадец Варзелај
31И Галадецот Варзелај дојде од Рогелим и продолжи со царот за да го испрати преку Јордан. 32Варзелај беше многу стар, му беа осумдесет години. Го снабдуваше царот со храна додека престојуваше во Маханаим, зашто беше мошне имотен човек. 33Царот му рече на Варзелај: „Појди со мене, јас ќе те издржавам во твоите стари денови кај себе во Ерусалим.“ 34А Варзелај му одговори на царот: „А уште колку години ми остануваат за да одам со царот во Ерусалим? 35Сега ми се осумдесет години; можам ли уште да разликувам што е добро а што зло? Може ли уште да му биде пријатно на твојот слуга тоа што јаде и што пие? Можам ли уште да го слушам гласот на пејачот и пејачката? Зошто твојот слуга уште би му бил товар на својот господар цар? 36Твојот слуга уште само ќе помине преку Јордан со царот, но зошто царот би ми дал таква награда? 37Дозволи му на својот слуга да се врати за да умрам во својот град кај гробот на својот татко и својата мајка. Но еве го твојот слуга Хамам, нека оди натаму со мојот господар цар, па стори му нему што е добро во твоите очи!“ 38Царот одговори: „Тогаш Хамам нека иде со мене натаму, а јас ќе му сторам што ти е тебе мило, и што и да ме замолиш, сѐ ќе му сторам заради тебе.“ 39Кога сиот народ помина преку Јордан, помина и царот, го пољуби Варзелаја и го благослови, потоа овој се врати во своето место. 40Царот го продолжи патот за Галгал, Хамам одеше со него. Царот го следеа сиот Јудин народ и половината од Израелевиот народ.
5. Израел се натпреварува со Јуда
41Тогаш сите Израелци дојдоа пред царот и го прашаа: „Зошто нашите браќа Јудејци те украдоа и зошто ги преведоа преку Јордан нашиот цар и неговиот дом и сите Давидови луѓе со нив?“ 42А Јуда му одговори на Израел: „Царот ми е род мене. Зошто си се налутил заради тоа? Дали јадев на царева сметка? Или нешто си заграбив?“ 43Тогаш Израел му одговори на Јуда: „Јас имам десет делови во царот, и спрема тебе јас сум првороденец. И така зошто ме презре? Не беше ли мојот збор прв кога требаше да биде доведен назад мојот цар?“ Но Јудиниот говор беше поцврст од Израелевиот говор.
Селектирано:
2 САМОИЛ 19: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.