2 САМОИЛ 17
17
в. Ахитофелов совет за гонење на Давид
1Тогаш Ахитофел му рече на Авесалома: „Дозволи да изберам дванаесет илјади луѓе па да се дигнам во потера по Давида уште ноќеска. 2Ќе нападнам врз него кога ќе биде заморен и без сила; ќе го плашам, и ќе се разбега сиот народ што е со него. Тогаш ќе го убијам самиот цар. 3А сиот народ ќе го доведам назад кај тебе, ти му работиш спроти глава само на еден човек, што значи враќање на сите, и а сиот народ тогаш ќе биде мирен.“ 4Тоа им се допадна на Авесалома и на сите Израелеви старешини.
г. Поинаков совет на Архиецот Хусај
5Ама Авесалом рече: „Да го повикаме уште Архиецот Хусај, да чуеме што ќе ни каже тој!“ 6Кога Хусај дојде кај Авесалома, му рече Авесалом: „Ахитофел советуваше вака. Дали да направиме како што предложи тој? Ако не, зборувај ти!“ 7А Хусај му одговори на Авесалома: „Овој пат Ахитофеловиот совет не е добар.“ 8И Хусај продолжи: „Ти знаеш дека твојот татко и неговите луѓе се јунаци и дека се лути како мечка на која ѝ ги одзеле нејзините мечиња. Твојот татко е воин, тој нема да дозволи народот да почива во ноќта. 9Тој се крие сега во некаква јама или на некакво друго место. Па ако веднаш во почетокот падне некој од нашите, ќе се рашири глас за пораз на војската што му се придружила на Авесалома. 10Тогаш и најхрабриот, во кого е срцето како во лав, ќе ја изгуби смелоста. Зашто сиот Израел знае дека твојот татко е јунак и дека се храбри оние кои што го следат. 11Затоа јас го советувам ова: сиот Израел, од Дан до Вирсавеа, нека се собере околу тебе, за да биде како песок на морскиот брег, а ти самиот да чекориш во нивната средина. 12Тогаш ќе нападнеме на него каде и да се наоѓа, ќе се нафрлиме врз него како што росата паѓа на земјата, и не ќе ги оставиме живи ни него ниту еден од неговите луѓе. 13Ако се повлече во некој град, сиот израелски народ ќе донесе јажиња под оној град па ќе го влечкаме до потокот, сѐ додека веќе ни камен не ќе остане таму.“ 14Тогаш Авесалом и сите Израелци рекоа: „Подобар е советот на Архиецот Хусај отколку советот на Ахитофела.“ Зашто Господ беше одлучил да се осуети Ахитофеловата основа, како би навлекол несреќа врз Авесалома.
д. Хусај му соопштува на Давида за
Авесаломовото решение
15Потоа Хусај им јави на свештениците Садок и Авијатар: „Ахитофел ги посоветува така и така Авесалома и израелските старешини, а јас советував така и така. 16Затоа сега јавете му брзо на Давида и порачајте му: ‘Ноќеска немој да ноќеваш во рамниците на пустината, туку премини брзо на друга страна, за да не бидат уништени царот и сета војска што е со него.’“ 17Јонатан и Ахимас се задржуваа кај Рогилскиот Извор; една слугинка доаѓаше и им донесуваше вести, а тие одеа да му го јават тоа на царот Давид, зашто не смееја да се откријат влегувајќи во градот. 18Ама ги забележа некој момок та му јави на Авесалома. Тогаш двајцата отидоа итно и дојдоа во куќата на некој човек во Ваурим. Во неговиот двор имаше кладенец, и тие се спуштија во него. 19А жената зеде и распростре покривач преку отворот на кладенецот, и потури врз него истолчени зрна, така што не можеше ништо да се забележи. 20Авесаломовите слуги дојдоа кај таа жена во куќата и ја прашаа: „Каде се Ахимас и Јонатан?“ А жената им одговори: „Отидоа натаму кон водата.“ Потоа ги бараа уште, ама не ги најдоа па се вратија во Ерусалим. 21А кога тие си отидоа, оние двајца излегоа од кладенецот и отидоа да му ја однесат веста на царот Давид. И му рекоа: „Станете и поминете побргу преку водата, зашто Ахитофел советуваше така и така против вас.“ 22Тогаш Давид, и сиот народ што беше со него, се дигна и помина преку Јордан; во зората немаше веќе никој што не поминал преку Јордан.
ѓ. Ахитофелово самоубиство
23Кога Ахитофел виде дека не се исполни неговиот совет, го насамари своето осле, тргна на пат и си отиде во својата куќа во својот град. Таму се погрижи за својата куќа, потоа се обеси и умре. Го погребаа во гробот на неговиот татко.
Г. Давидова војна против Авесалом
1. Подготовки
24Давид веќе беше дошол во Маханаим кога Авесалом помина преку Јордан со сите Израелци, кои беа со него. 25Авесалом го имаше поставено Амаса за заповедник над војската наместо Јоав. А Амаса му беше син на некој човек по име Итра, Исмаилец, кој влезе при Авигеја, ќерката Насова и сестрата Серуина, Јоавовата мајка. 26Израел и Авесалом поставија логор во Галадската Земја.
27Кога Давид дојде во Маханаим, тогаш Совиј, синот Насов од Амонската Рава, па Махир, синот Амилов од Ло Девар, и Варзелај, Галадец од Рогелим, 28донесоа постели, покривки, чаши и земјени садови, покрај тоа пченица, јачмен, брашно, пржено жито, боб, леќа, 29мед, кисело млеко и кравјо и овчо сирење, и ги понудија Давида и народот што беше со него да јадат. Зашто мислеа: „Луѓето трпеа во пустината глад, замор и жед.“
Селектирано:
2 САМОИЛ 17: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.