Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Софонија 3

3
Утешно ветување за времето на Месија.
1Тешко на непокорен, осквернет и насилнички град!
2Не слуша глас, не прифаќа поука, не се надева на Господа, не се приближува до Својот Бог.
3Кнезовите негови се како лавови што рикаат, судиите негови – вечерни волци, кои до утрината не оставаат ниту една коска.
4Пророците негови се луѓе лесномислени, неверни; свештениците негови ја осквернуваат светињата, ги газат законите.
5Господ е праведен среде него, не врши неправда, секое утро го произнесува Својот суд на видело, но беззаконикот не знае за срам.
6Јас ги истребив народите – разрушени им се тврдините; ги опустив улиците нивни, така што никој не оди по нив; разорени се градовите нивни: нема ниту еден човек, нема жител.
7Јас реков: »Бој се само од Мене, прими поука!« и нема да го постигне зло живеалиштето негово, какво што му бев определил; а тие грижливо се трудеа да ги расипат сите свои дела.
8И така, чекајте Ме, вели Господ, до оној ден, кога ќе се кренам на опустошување; зашто Јас одлучив да ги соберам народите, да ги свикам царствата, за да го излијам врз нив Моето негодување, сета јарост на Мојот гнев; зашто од огнот на јароста Моја ќе биде уништена целата земја.
9Тогаш Јас пак ќе им дадам на чистите народи уста да го призовуваат името на Господа и да Му служат еднодушно.
10Од краиштата отаде реката на Етиопија поклониците Мои – Моите растурени деца – ќе Ми принесат дарови.
11Во тој ден ти нема да се срамуваш за твоите неразумни постапки, со кои грешеше против Мене, оти тогаш Јас ќе ги отстранам од твојата средина оние, кои залудо се фалеа со твојата слава, и нема повеќе да се гордеат на Мојата света гора.
12Но ќе оставам среде тебе народ смирен и прост, и тие ќе се надеваат на името Господово.
13Остатоците од Израилот нема да вршат неправда, нема да зборуваат лага, и во устата нивна нема да се најде јазик сплеткарски, зашто сами ќе си пасат и ќе лежат, и никој нема да ги вознемирува.
14Радувај се, ќерко Сионова, ликувај, Израиле, весели се и радувај се од сѐ срце, ќерко ерусалимска:
15Господ ја одмени пресудата над тебе, го изгони непријателот твој. Господ, Царот Израилев, е посреде тебе: нема повеќе да видиш зло.
16Во оној ден ќе му речат на Ерусалим: »не бој се« и на Сион »да не заслабнат рацете твои.«
17Господ, твојот Бог, е посреде тебе. Он е силен да те спаси; ќе се развесели за тебе со радост, ќе биде милостив според љубовта Своја, ќе се гордее за тебе со песни.
18Оние што тагуваат за празнични торжества, Јас ќе ги соберам; а тие се твои, врз нив лежи тежок укор.
19Ете, Јас ќе ги притеснам сите твои мачители во она време, ќе го спасам она што е хромо, ќе ги соберам расеаните и ќе им дадам чест и слава по целата земја, каде што биле под срам.
20Во она време ќе ве доведам, во она време ќе ве соберам вас, зашто ќе ве направам прочуени и почитувани меѓу сите народи на земјата, кога ќе го вратам вашиот плен пред очите ваши, вели Господ.

Селектирано:

Софонија 3: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност