Мудри Соломонови Изреки 1
MK1990

Мудри Соломонови Изреки 1

1
Треба да се познае мудроста.
1Изреки Соломонови, син Давидов, цар израилски,
2за да се познае мудроста и поуката, за да се разберат изреките на разумот;
3за да се усвојат правилата на благоразумието, правосудието, судот и правината;
4да им се даде на простите разумност, на младите – знаење и расудување.
5Ако мудриот слуша, ќе ги умножи знаењата свои, и разумниот ќе најде мудри совети,
6за да разбира мудра изрека и длабок збор, зборовите на мудреците и нивните гатанки.
7Почеток на мудроста е стравот Господов; добро разбираат сите, што се раководат од него; а послушноста кон Бога е почеток на разбирањето; само глупавите ги презираат мудроста и поуката.
8Слушај ја, синко, поуката на татка си и не го отфрлај заветот на мајка си.
9зашто тоа е красен венец за главата твоја и украс за вратот твој.
10Синко, ако те мамат грешници, не попуштај;
11ако кажат: »Дојди со нас, да направиме заседа за убиство, да го пречекаме непорочниот без вина,
12жив да го голтнеме, како што голта пеколот, и цел како оној што слегува во гроб;
13да си натрупаме секаков скапоцен имот, да ги наполниме куќите наши со плен;
14ти ќе фрлаш жреб заедно со нас, една торба ќе има за сите нас.«
15Синко, не оди на пат со нив, задржи си ја ногата од патеките нивни,
16зашто нозете нивни трчаат кон злото и брзаат крв да пролеваат;
17напразно се распнува мрежа пред птици.
18Но тие прават заседа против крвта своја, демнат против душите свои.
19Такви се патиштата на секого, кој е алчен на туѓ имот: тоа му го одзема животот на оној, што го заграбил.
20Премудроста говори високо на улицата, го крева гласот свој по плоштадите,
21проповедта во главните места на собирите, при влезовите на градските порти смело говори:
22»До кога, незналци, ќе го сакате незнаењето? До кога бујните ќе се насладуваат со бујноста? До кога глупавите ќе го мразат знаењето?
23Обрнете се кон Моите изобличувања; еве, Јас Го ќе излеам Духот Свој врз вас, ќе ви ги кажам зборовите Свои.
24Јас викав, а вие не послушавте; изговарав зборови, но вие не внимававте;
25вие ги отфрливте Моите совети, не внимававте кога ве изобличував.
26Затоа ќе се насмеам на вашата погибел; ќе се зарадувам на вашата погубност,
27кога ќе ве нападне ужас како бура, и зло како виор ќе мине над вас, кога ќе ве снајде неволја и уривање на градовите и кога ќе дојде пропаста.
28Тогаш ќе Ме викаат, но Јас нема да чујам; ќе Ме бараат лошите и нема да Ме најдат.
29Затоа што го намразија знаењето и не го примија стравот Господов;
30затоа што не го примија Мојот совет и ги презреа Моите разобличувања.
31Поради тоа тие ќе јадат од плодовите на своите патишта и ќе се наситуваат од своите лоши замисли.
32Зашто неразумните ќе ги убие нивната упорност, а глупавите ќе ги погуби нивната негрижа;
33но кој Мене Ме слуша, ќе дижвее безопасно и спокојно, не плашејќи се од злото.«

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2017
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2017

Дознај повеќе за Свето Писмо (Гаврилова) 1990