Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Малахија 1

1
Израилот е неблагодарен. Казнување на свештениците и на народот поради незаконски жртви.
1Пророчко слово од Господа до Израилот преку Малахија.
2Ве засакав, вели Господ. А вие рековте: »Во што си покажал милост кон нас?« Зар Исав не е брат на Јакова, вели Господ, но сепак Јас го засакав Јакова,
3а Исава го замразив и ги предадов планините негови, за да се запустат, и пределите негови – на шакалите пустински.
4Ако Едом рече – ние сме разорени, но ќе се подигнеме сами, Господ Саваот вели – тие ќе се подигнат, но Јас пак ќе ги разурнам, и така ќе ги наречат – нечесен крај и народ – на кој се разгневил Господ засекогаш.
5И вие ќе го видите тоа, па ќе речете: се возвеличи Господ над пределите Израилеви.
6Синот го почитува татка си, а робот – господарот свој; а ако сум Јас татко, тогаш каде е почитта кон Мене? И ако сум Јас Господ, тогаш каде е стравот пред Мене – вели Господ Саваот; вие свештениците, кои го презирате името Мое, велите: во што го презираме името Твое?
7На жртвеникот Мој вие принесувате нечист леб, а велите, со што Те осквернуваме? – Со тоа што велите: трпезата Господова не заслужува почитување.
8И кога како жртва принесувате слеп добиток – не ли е тоа лошо, или кога принесувате хромо и болно, зар и тоа не е лошо? Ако го однесеш тоа на твојот кнез – ќе биде ли тој задоволен од тоа и ќе те прими ли со радост, вели Господ Саваот.
9И така, молете Му се на Бога за да нѐ помилува; но штом таква работа излегува од рацете ваши, ќе може ли Он тоа милостивно да го прими, вели Господ Саваот.
10Подобро е таков од вас да ја затвори вратата и да не се пали напразно оган на Мојот жртвеник. Не сте Ми мили, вели Господ Саваот, и не сакам да примам дар од вашите раце.
11Зашто од сончев исток па сѐ до запад името Мое ќе стане големо меѓу народите, и тие на секое место ќе принесуваат темјан и чиста жртва; големо ќе стане името Мое меѓу народите, вели Господ Саваот.
12А вие го хулите со тоа што велите – трпезата Господова не заслужува почитување и користа од неа е мала.
13А притоа велите уште: и ете колку голем труд, а можеше и без тоа, вели Господ Саваот; принесувате крадено, хромо и болно, а притоа принесувате уште и таков лебен дар: па можам ли со благонаклоност да го примам тоа од вашите раце, вели Господ Саваот.
14Нека е проклет оној што лаже, оној кој во стадото свое има неповредено машко, а дал и завет, па во жртва на Господ Му принесува повредено; зашто Јас сум Цар голем и името Мое е страшно пред народите.

Селектирано:

Малахија 1: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност