Исаија 1
MK1990

Исаија 1

1
Отпаѓањето на Израилот и казната Божја.
1Видение на Исаија, синот Амосов, кое го виде за Јудеја и Ерусалим, во деновите на јудејските цареви Озија, Јоатам, Ахаз и Езекија.
2Чујте, небеса, и слушај, земјо, зашто Господ вели: »Јас воспитав и подигнав синови, а тие се побунија против Мене.
3Волот го познава стопанот свој, и оселот – јаслите на господарот свој, а Израилот не Ме познава, Мојот народ не разбира.«
4Ах, народе грешен, народ претрупан со беззаконија, племе на злодејци и синови погубни! Го оставивте Господа, Го презревте Светецот Израилев, – се вративте назад.
5Каде уште да ве бијат вас, кои сѐ уште се противставувате? Целата глава ви е во рани, и целото срце ви е изнемоштено.
6Од главата до петите нема во тој народ здраво место, сињаци, гнојни рани, нечистени, непреврзани и неомекнати со елеј.
7Земјата ви е опустошена, градовите ви се изгорени со оган; нивите ваши пред ваши очи туѓинци ги јадат; и пустош е, како што запустуваат туѓинци.
8Остана ќерката Сионова како колиба во лозје, како сеница во градина, како опсаден град.
9Да не беше ни оставил Господ Саваот мал остаток, ќе бевме исто така како Содом, ќе заприлегавме на Гомор.
10Чујте го словото Господово, кнезови содомски, вслушај се во законот на нашиот Бог, народе гоморски!
11»Зашто ми се многуте ваши жртви – вели Господ. Презаситен сум од сепаленици на овни и од маснотија на згоен добиток; крв од телиња, од јагниња и јариња не сакам.
12Кога доаѓате да се јавите пред лицето Мое, кој ви бара да ги газите дворовите Мои?
13Не принесувајте веќе суетни жртви; кадењето е одвратно за Мене; новомесечија, саботи и празнични собранија не можам да трпам: беззаконие – и празнувања...?
14Душата Моја ги мрази вашите новомесечија и вашите празници: тие се товар за Мене, тешко Ми е да ги носам.
15И кога протегате раце, Јас ги кријам од вас очите Свои, а кога ги умножувате молбите свои, Јас не слушам: рацете ваши се полни со крв.
16Измијте се, исчистете се; иставете ги од очите Мои лошите дела свои; престанете да правите зло;
17научете се да правите добро, барајте правда, спасувајте угнетен, заштитувајте сирак, застапувајте се за вдовица.«
18Тогаш дојдете и ќе се пресуди, вели Господ. Гревовите ваши да се и како бакам, – како снег ќе ги побелам; да бидат црвени и како пурпур, – како волна ќе станат бели.
19Ако Го барате и послушате, ќе ги јадете добрата земни;
20ако, пак, не сакате и се противставувате, меч ќе ве истреби, тоа го рече устата Господова.
21Како правичниот верен град Сион стана блудница? Во него царуваше правда, а сега престојуваат убијци.
22Среброто ти стана како згура, виното ти е со вода помешано;
23твоите кнезови се престапници на законот и соучесници на крадци; сите тие сакаат подароци и лакомат за награда; не заштитуваат сирак, и поплака на вдовица не стигнува до нив.
24Затоа вели Господ, Господ Саваот, Силниот Израилев: »О, ќе ја истурам јароста на противниците Свои и ќе им се одмаздам на непријателите Свои!
25и ќе ја свртам против тебе раката Своја и како во пепелница ќе ја исчистам од тебе смешата и ќе го одделам од тебе сѐ што е оловно;
26и пак ќе ти поставам судии, како порано, и советници како отпрвин; тогаш ќе говорат за тебе: град на правда, верна престолнина!
27Сион ќе се спаси преку праведен суд, и обратените негови – преку правдата;
28за сите отстапници и грешници – погибел, а оние, што го оставиле Господа, ќе бидат истребени.
29Тие ќе бидат посрамени заради младите шуми, толку многу сакани од вас, ќе црвенеат од срам заради градините што сте си ги избрале;
30зашто вие ќе бидете како дабот, чиј лист паднал и како градина, во која нема вода.
31И силниот ќе биде отпадок, а делото негово искра; ќе горат заедно, – и никој нема да ги угасне.«

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2017
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2017

Дознај повеќе за Свето Писмо (Гаврилова) 1990