Агеј 1
MK1990

Агеј 1

1
Прекор поради неѕидање на храмот.
1Во втората година на царот Дарија, во шестиот месец, на првиот ден во месецот, би слово Господово преку пророкот Агеј до Зоровавела, синот на Салатиила, управител на Јудеја, и до Исуса, синот Јоседеков, првосвештеникот.
2Вака вели Господ Саваот: »Овој народ говори: Уште не е дојдено времето, не е време сега да се гради дом Господен.«
3И би слово Господово преку пророкот Агеј, велејќи:
4»А за вас време ли е да живеете во своите украсени домови, кога е Светилиштето запустено?«
5Затоа сега вака вели Господ Саваот: »Свртете го срцето ваше врз вашите патишта.
6Вие сеете многу а собирате малку; јадете, а не се заситувате; пиете, а не се напивате; се облекувате, но не се стоплувате; оној што печали пари, ги става во дупнато ќесе.«
7Така вели Господ Саваот: »Свртете го срцето ваше кон патиштата свои.
8Качете се на планината, донесете дрва и градете го храмот, и тоа ќе Ми биде угодно, па ќе се прославувам, вели Господ.
9Мислите многу, а излегува малку, и што ќе внесете дома, тоа Јас го раздувувам. Зошто? – вели Господ Саваот: Затоа што е домот Мој запустен, а вие пак трчате кон домот свој.
10Па поради тоа небото се затвори и не ви дава роса и земјата не ви дава плодови.
11Затоа повикав суша врз земјата, врз горите, врз житото, врз гроздовите, врз елејот и врз сѐ што се раѓа од земјата, и врз човекот и врз добитокот, и врз секој ваш рачен труд.«
12И Зоровавел, Салатииловиот син, и Исус, синот на Јоседека, и сиот друг народ го послуша гласот на Господа, својот Бог, а и зборовите на пророкот Агеј, како гласник на нивниот Господ Бог, и народот се подуплаши од Господа.
13Тогаш Агеј, гласникот Господов, испратен од Господа, му рече на народот: »Јас сум со вас« – вели Господ.
14И Господ го подигна духот на Зоровавела, синот Салатиилов, управителот на Јудеја, духот на Исуса, синот Јоседеков, првосвештеникот, и духот на сиот друг народ – и тие дојдоа и почнаа да го градат домот на Господа Саваот, својот Бог;
15а тоа стана во дваесет и четвртиот ден од шестиот месец, во втората година на царот Дариј.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2017
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2017

Дознај повеќе за Свето Писмо (Гаврилова) 1990