Авакум 1
MK1990

Авакум 1

1
Пророковата молитва и тагување.
1Пророчко видение што го имаше пророкот Авакум.
2До кога, Господи, ќе повикувам, а Ти не ме слушаш; викам кон Тебе поради насилството, а Ти не ме избавуваш?
3Зошто ми дозволуваш да гледам злодејанија, и да гледам неволи? Грабежот и насилството се пред мене; се појавува непријателство, настанува раздор.
4Поради тоа законот ја изгуби силата, нема веќе праведен суд: нечестивиот го победува праведниот, и затоа судот се искривува.
5Погледајте меѓу народите, видете – и многу ќе се зачудите и восхитите: зашто во ваше време Јас ќе извршам такво дело, за кое вие не би поверувале, ако би ви раскажувале.
6Оти Јас ќе ги кренам Халдејците, народ жесток и необуздан, кој оди по ширините земни за да завладее населби, кои нему не му припаѓаат.
7Тој е страшен и ужасен; тој самиот е и суд и власт.
8Коњите негови се побрзи и од леопарди и поустремни од вечерни волци; коњицата негова се движи по разни страни; јавачи му доаѓаат од далечина, налетуваат како орли, што се спуштаа врз пленот.
9Во групи тој оди по грабеж; го устремува лицето и тој заробува пленици како песок.
10И со цареви се подигрува, а кнезовите му служат за подбив; над секоја тврдина тој се смее: засипува опсаден окоп и ја преземе.
11Во таков случај духот му станува горд, оди и бујствува; силата негова му е бог.
12Но, зар не си Ти од векот Господ Бог мој, Светецот мој? Ние нема да умреме! Ти, Господи, само за суд си го допуштил тоа. Карпо моја. За казна си го определил ова.
13На чистите очи Твои не е својствено да гледаат злодејание и да гледаш угнетување Ти не можеш. Зошто гледаш злодејци и си безгласен, кога нечестивецот проголтува човек што е поправеден од него.
14и ги оставаш луѓето како риба в море и како лазачи, кои немаат господар?
15Сите тие со јадици ги лови, ги лови во мрежата своја, ги извлекува и ги собира на суво, па затоа се радува и весели.
16Затоа на мрежата своја ѝ принесува жртва и на торбата ѝ кади со темјан, оти од нив делот му е мрсен и храната му е вкусна.
17Па заради тоа ќе сака ли да ја испразни мрежата своја и постојано да ги убива народите безмилосно?

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2017
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2017

Дознај повеќе за Свето Писмо (Гаврилова) 1990