Проповедник 1
MK1990

Проповедник 1

1
Увод: Суета на суетите. Суета е и човечката мудрост.
1Зборови на проповедникот, син Давидов, цар ерусалимски.
2Суета над суетите, вели проповедникот, суета над суетите – сѐ е суета!
3Каква е користа за човекот од сите негови трудови, со кои се труди под сонцето?
4Род еден си заминува, и род друг доаѓа, а замјата си постои секогаш.
5Сонцето изгрева и заоѓа, и пак брза кон местото свое, од каде што изгрева.
6Ветрот вее кон југ и се врти кон север, се врти, се врти во својот пат и пак ги почнува своите вртења во круг.
7Сите реки течат во морето, но морето не се преполнува: тие одново се враќаат кон она место, од каде што потекуваат, за да течат пак.
8Секоја работа бара труд: човекот не може сѐ да искаже; окото не се наситува од гледање, ниту увото може да се наслуша.
9Она што било, пак ќе биде, и она што се правело, пак ќе се прави – нема ништо ново под сонцето.
10Иако за нешто се рече: »Види, ете, тоа е ново«; но тоа веќе било во текот на вековите, што биле пред нас.
11Нема спомен за минатото; па и за тоа, што ќе биде подоцна.
12Јас, проповедник, бев цар над Израилот во Ерусалим;
13и го управив срцето свое да истражувам и да испитува преку мудроста сѐ, што станува под небото; таа тешка задача им ја даде Бог на синовите човечки, за да се занимаваат со неа.
14Ги видов сите работи, што се вршат под сонцето, и ете – сѐ е суета и мака за духот.
15Кривото не може да се исправи, и она, што го нема не може да се брои.
16Си велев во срцето свое: »Еве, јас се воздигнав и се здобив со мудрост повеќе од сите, што беа пред мене над Ерусалим, и срцето мое виде многу мудрост и знаење.«
17И го упарвив срцето свое да ја познае мудроста, да ги познае безумието и глупоста; но разбрав, оти и тоа е мачно за духот;
18зашто при големата мудрост големо е и страдањето, и кој умножува знаење, умножува и мака.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2017
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2017

Дознај повеќе за Свето Писмо (Гаврилова) 1990