Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 1:1-31

Создавање 1:1-31 MK2006

Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата. Земјата беше неоформена и пуста; имаше темнина над бездната и Божјиот Дух лебдеше над водата. И Бог рече: „Нека биде светлина!“ И настана светлина. И Бог виде дека светлината е нешто добро; и ја оддели Бог светлината од темнината. Бог светлината ја нарече ден, а темнината ја нарече ноќ. И настапи ве­чер, и настапи утро – прв ден. Потоа Бог рече: „Нека има свод среде водата и тој да разделува вода од вода!“ И создаде Бог свод; и ја одвои водата што е под сводот од водата што е над сводот. Така и стана. И сводот Бог го нарече небо. И настапи вечер и настапи утро – втор ден. И Бог рече: „Нека се собере водата што е под небото на едно место, и нека се појави копно!“ И стана така. Копното Бог го нарече земја, а собраните води ги нарече – мориња; и виде Бог дека тоа е добро. И Бог рече: „Нека израсте од земјата зеленило – трева што дава семе, плодоносни дрвја кои во себе имаат семе!“ И стана така. Земјата пушти од себе зеленило: трева што дава семе според својот род, а и дрвја што раѓаат плод, чие семе е според нивниот род. И Бог виде дека тоа е добро. И настапи вечер, и настапи утро – трет ден. Потоа Бог рече: „Нека се појават светила на небескиот свод, за да го делат денот од ноќта и да бидат знаци, и за времињата, и за деновите, и за годините; и нека бидат тие светилници на не­бескиот свод, за да ја осветлуваат земјата!“ И стана така. Бог создаде две големи светила: поголемо светило да управува со денот, и помало светило да управува со ноќта; ги создаде и ѕвездите; и ги постави Бог на небескиот свод да ја осветлуваат земјата, и да управуваат со денот и ноќта, и да ја одделуваат светлината од темнината. И Бог виде дека тоа е добро. И настапи вечер, и настапи утро – четврти ден. Потоа рече Бог: „Водата нека се ис­полни со живи суштества, а низ не­бескиот свод над земјата нека полетаат птици!“ И Бог создаде големи риби и секаков вид животни влекачи што живеат во водата, според нивниот род, како и секаков вид крилати птици, спо­ред нивниот род. И виде Бог дека тоа е добро. И ги благослови Бог, велејќи: „Пло­дете се и множете се, и наполнете ја водата во морињата, и птиците нека се намножат на земјата!“ И настапи вечер, и настапи утро – петти ден. Пак рече Бог: „Нека изведе земјата од себе разни суштества според родот нивни: добиток, лазачи и ѕверови земни според нивниот род!“ И стана така. И Бог создаде ѕверови земни, спо­ред родот нивен, и добиток според ро­дот негов, и секакви гадинки земни, според родот нивен. И Бог виде дека тоа е добро. Потоа Бог рече: „Да создадеме чо­век според Нашиот образ, според Нашето подобие како што сме Ние, кој ќе биде господар над морските риби, над небеските птици, и над добитокот – над целата земја и над сите гадинки што лазат по земјата!“ И Бог го создаде човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде; машко и женско ги создаде. И ги благослови Бог, и им рече: „Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над неа, и ов­ла­дајте ги морските риби, и небеските птици, и сите животни што лазат по земјата!“ И Бог рече: „Еве, ви дадов секакви билки што даваат семе по целата земја, и секакви дрвја што во себе имаат семе според својот род и вид; тоа да ви биде за храна! А на сите земни ѕверови, и на сите небески птици, и на сѐ што се движи по земјата, во кое има жива душа, им ги дадов сите тревни растенија за храна.“ Така и стана. И Бог виде дека сето она што го создаде е многу добро. И настапи вечер, и настапи утро – шести ден.

Бесплатни планови за читање и побожни текстови поврзани со Создавање 1:1-31

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност