Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Излез 13:1-22

Излез 13:1-22 MK2006

Му рече Господ на Мојсеј, велејќи: „Посвети ми го секое првородено, кое ја отвора секоја утроба меѓу сино­вите израелски: и од луѓето, и од до­битокот. Тие Мене ми припаѓаат!“ И Мојсеј му рече на народот: „По­мнете го овој ден, во кој излеговте од Египет, од домот на ропството, зашто со рака силна ве изведе Господ оттаму; и не јадете ништо со квас. Денес излегувате, во месецот авив. Затоа, кога Господ ќе те воведе во земјата на Хананците, Хитијците, Амо­рејците, Евејците и Јевусијците, за која им се заколнал на татковците твои дека ќе ти ја даде – земјата во која тече мед и млеко – тогаш служи ја оваа служба во овој месец! Седум дена јадете бесквасен леб, а седмиот ден нека биде празник Гос­по­дов. Бесквасен леб да јадете седум дена, и да не се најде кај тебе квасен леб, ниту да се најде нешто квасно во сите твои краеви. И во тој ден кажи му на синот твој, велејќи: Ова е за она, што ми го напра­ви Господ, кога излегував од Египет! И тоа нека ти биде знак на раката твоја и споменик пред очите твои, та законот Господов да ти биде во устата; зашто со силна рака Господ те изведе од Египет. Затоа овој закон запазувај го секоја година во определено време! А кога ќе те воведе Господ, во земјата Хананска, како што ти се заколна тебе и на твоите татковци, и ќе ти ја предаде; на Господ ќе Му го одделуваш секое првородено од машки пол, што отвора утроба и секое првородено од стадата или добитокот, што го имаш, а е од машки род, посвети Му го на Господ! А секое првородено магаре замени го со јагне; ако, пак, не го замениш, откупи го. И секое првороденче од човек меѓу синовите твои откупувај го! А кога ќе те запраша синот твој тогаш и ти рече: ‚Што е тоа?‘ Кажи му: ‚Зашто со силна рака Господ нѐ изведе од Египет, од домот на ропството.‘ Зашто, кога упорствуваше фара­онот да не нѐ пушти, го уби Господ секој првороден во земјата египетска, од првенец човечки до првородено во добитокот; затоа Му го принесувам на Господ како жртва секое машко, кое отвора утроба, а секој првороден меѓу синовите мои го откупувам. И тоа нека ти биде знак на раката твоја и наместо завој над очите твои, бидејќи со силна рака Господ нѐ изведе од Египет.“ А кога фараонот го пушти народот, Бог не го поведе по патот преку филистејската земја, иако е пократок; зашто Бог рече: „За да не би да се покае народот, кога ќе види војна, па да се врати во Египет.“ Бог го поведе народот по патот преку пустината кон Црвеното Море. А синовите израелски излегоа од египетската земја вооружени. И ги зеде Мојсеј коските Јосифови со себе; зашто тој ги беше заколнал синовите на Израел, велејќи: „Господ навистина ќе ве посети, а вие тогаш понесете ги коските мои одовде со се­бе.“ И откако појдоа од Сукот, се настанија во Етам, при крајот на пустината. А Господ одеше пред нив, дење како столб од облак, а ноќе во вид на огнен столб, за да им свети; така тие можеа да одат дење и ноќе. И не се иставаше пред народот столбот облак – дење, ни столбот од оган – ноќе.