Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 7:20-51

Дела 7:20-51 MK2006

Во тоа време се роди и Мојсеј, кој Му беше на Бога мил. Три месеци беше хранет во куќата на својот татко. А кога беше оставен, него го приб­ра фараоновата ќерка и го одгледа ка­ко свој син. И ја научи Мојсеј целата мудрост египетска и беше силен во зборови и во дела. А кога навршуваше четириесет го­дини, нему му дојде на ум да ги посети браќата свои, синовите Израелови. И кога виде дека еден од нив го на­вредуваа, го заштити; одмаздувајќи се за измачуваниот, го уби Египќанецот. Тој мислеше дека браќата негови ќе согледаат дека Бог преку неговата рака ќе им даде спасение, но тие не сфатија. А на другиот ден, кога некои од нив се тепаа, тој дојде кај нив и ги советуваше да се смират, велејќи: ‚Луѓе, вие сте браќа; зошто се навредувате меѓу себе?‘ Но оној што го навредуваше својот ближен, го одби од себе и му рече: ‚Кој те поставил да бидеш началник и судија над нас? Или, пак, и мене сакаш да ме уби­еш, како што вчера го уби Егип­ќа­не­цот?‘ Од тие зборови Мојсеј побегна и се насели како туѓинец во земјата мидјанска, каде што му се родија два сина. И кога поминаа четириесет години, му се јави ангел Господов во пустината на Синајската Гора, во огнен пламен во една капина. Мојсеј штом виде, се зачуди од тоа видение; и кога се приближи да погледа внимателно, пристигна до него гласот Господов: ‚Јас сум Бог на татковците твои, Бог Авраамов, Бог Исаков, Бог Јако­вов.‘ Мојсеј се стресе и не смееше да погледа. А Господ му рече: ‚Собуј си ги обув­ките од нозете, зашто местото на кое стоиш е света земја! Јас ги видов добро маките на Мојот народ што е во Египет и го слушнав не­говото воздивнување; па слегов да го избавам; а сега пријди да те пратам во Египет!‘ Тој, Мојсеј, кого го беа одбиле, ве­лејќи: ‚Кој те поставил за началник и судија‘, него Бог преку ангелот, кој му се јави во капината, го прати за на­чал­ник и избавител. Тој ги изведе, правејќи чудеса и зна­ци во земјата египетска и во Црвеното Море и во пустината во тек на чети­ри­есет години. Тоа е оној Мојсеј што беше им ре­кол на синовите Израелови: ‚Господ, Бог ваш, меѓу браќата ваши ќе ви из­дигне Пророк како мене‘. Тоа е оној што на собирот во пустината на Планината Синајска беше со ангелот кој му зборуваше, и со тат­ков­ците наши; оној што прими животворни зборови нам да ни ги предаде, и кому нашите татковци не сакаа да му се покорат, туку го отфрлија со ср­цата свои и се свртеа кон Египет, велејќи му на Арон: ‚Направи ни богови што ќе одат пред нас; зашто не знаеме што му стана на оној Мојсеј кој нѐ изведе од египетската земја.‘ И во оние дни направија лик на те­ле, и му принесоа жртви на идолот и се веселеа пред делото на своите раце. А Бог се одврати од нив и ги остави да му служат на воинството небесно, како што е напишано во Книгата на пророците: ‚Доме Израелов, Ми принесовте ли вие заклани животни и жртви во текот на четириесетте години во пустината? Вие го прифативте шаторот на Мо­лох и ѕвездата на вашиот бог Ремфан, идоли што ги направивте вие за да им се поклонувате: и Јас ќе ве преселам потаму од Вавилон.‘ Нашите татковци имаа во пустината скинија на собранието, како што беше заповедал Оној Кој му зборуваше на Мојсеј да ја направи според образецот што го беше видел. Неа татковците наши ја примија и со Исус Навин ја внесоа во земјата на незнабошците, што Бог ги отфрлаше од лицето на татковците наши; а тоа се случуваше сѐ до времето на Давид, кој најде милост пред Бога, посака да Му најде живеалиште на Бог Јако­вов. А Соломон Му изгради дом, но Севишниот не живее во ракот­во­рени храмови, како што вели пророкот; ‚Небото е Мојот престол, а земјата подножје на нозете Мои. Каков дом ќе ми направите, вели Господ, или кое мес­то е за Мојата почивка? Не го направи ли сето ова Мојата рака?‘ Тврдоглави и необрезани по срцето и ушите! Вие секогаш Му се противевте на Светиот Дух – како татковците ваши, така и вие.