2. Петар 2

2
Треба да се пазиме од лажни и порочни учители.
1А во народот имаше и лажни пророци, како што и меѓу вас ќе има лажни учители, кои што ќе внесат погубни ереси и, откако се одречат од Господа, Кој ги откупил, ќе навлечат врз себеси брза погибел.
2И мнозина ќе појдат по нивните нечистотии, и поради нив патот на вистината ќе биде похулен.
3И, подбудувајќи ве од користољубивост, ќе ве привлекуваат со ласкави зборови; но нивното осудување е одамна готово, и нивната погибел не дреме.
4Зашто Бог, кога не ги поштеди ангелите што згрешија, туку ги турна во пеколот со вериги на мракот, ги предаде да бидат пазени за судот;
5и кога не го поштеди првиот свет, туку, кога нанесе потоп на безбожниот свет, го запази само осмочлениот Ноја, проповедникот на правдата;
6и градовите Содом и Гомор ги осуди на разурнување и ги претвори во пепел, па ги остави како пример на идните безбожници,
7а го избави праведниот Лот, кого го осрамотија беззакониците со нечистиот живот.
8Оти, кога живееше праведникот меѓу нив, гледајќи ги и слушајќи ги беззаконските дела, од ден на ден ја измачуваше својата праведна душа;
9тоа Господ знае како да ги избавува побожните од искушенија, а неправедните да ги држи во маки за судниот ден;
10а најмногу оние, што се управуваат според телото во неговите гнасни похоти, кои што ги презираат началниците, дрски се, горди и не се плашат да хулат на власта,
11кога и ангелите, кои се поснажни и посилни од нив, не изговараат за нив хула пред Господа.
12А тие, како неразумни животни, кои се од природата така создадени за да се фаќаат и уништуваат, хулејќи го она, што не го разбираат, во својата погибел ќе загинат,
13добивајќи награда за неправда. Тие секојдневниот живот во раскош го сметаат како наслада; тие се срам и грев, насладувајќи се со своите измами, јадејќи со вас;
14имаат очи полни со прељубодејство и постојанен грев, ги мамат неутврдените души; имаат срце привикнато на лакомство: тие се чеда на проклетството.
15Откако го оставија вистинскиот пат и се заблудија, тргнаа по стапките на Восоровиот син Валаам, кој засака неправедна плата;
16но беше изобличен за своето беззаконие: неразумното животно проговори со човечки глас и го запре безумството на пророкот.
17Тие се безводни извори, облаци и магли, од бура разнесувани; за нив е запазен мракот на темнината засекогаш.
18Зашто, говорејќи празни зборови, ги мамат на телесни похоти нечистотија оние, кои од скоро време се оттргнале од оние што живеат во заблуда.
19Им ветуваат слобода, кога тие самите се робови на развратот, зашто кога некој некого победува, тој и го поробува.
20Оти, откако ги избегнале световните скверности преку познавањето на Господа и Спасителот наш Исус Христос, ако пак се заплетат во нив и бидат победени, тогаш за такви последното ќе им биде полошо од првото.
21За нив би било подобро, да не беа го познале патот на правдата, отколку, откако го познаа, да се вратат назад од светата заповед, која им е предадена.
22Ним им се случува според вистинската поговорка: »Песот се враќа на својата блувотина«, и »Искапената свиња – во калта«.

ទើបបានជ្រើសរើសហើយ៖

2. Петар 2: MK1990

គំនូស​ចំណាំ

ចែក​រំលែក

ចម្លង

None

ចង់ឱ្យគំនូសពណ៌ដែលបានរក្សាទុករបស់អ្នក មាននៅលើគ្រប់ឧបករណ៍ទាំងអស់មែនទេ? ចុះឈ្មោះប្រើ ឬចុះឈ្មោះចូល