YouVersion Logo
Search Icon

Јован 6

6
1По ова, Исус отиде од другата страна на Галилејското Езеро (или како што поинаку се нарекува - Тибериско Море).
2Многуброен народ постојано Го следеше, бидејќи ги гледаше чудата на исцелување што Тој ги правеше над болните.
3Исус се искачи на планината и таму седна со Своите ученици.
4Наскоро доаѓаше еврејскиот празник Пасха.
5Кога Исус го подигна својот поглед и забележа дека многуброен народ доаѓа кај Него, му се обрати на Филип: „Каде да купиме леб за да ги нахраниме луѓево?“
6Исус го рече ова за да види што ќе му одговори Филип, бидејќи Исус знаеше што ќе прави.
7„За да добие секој од нив барем по едно залаче, ќе треба да купиме леб за повеќе од двесте денарии!“ - одговори Филип.
8Тогаш Андреј, еден од Исусовите ученици и брат на Симон Петар, Му рече:
9„Овде се наоѓа едно момче кое има пет јачменови лебови и две риби; но што е тоа за толку многу народ!?“
10„Кажете им на луѓето да седнат“ - рече Исус. На тоа место имаше многу трева, па луѓето испоседнаа, а на број беа околу пет илјади, сметајќи ги само мажите.
11Тогаш Исус ги зеде лебовите, и откако Му заблагодари на Бог, им ги раздели на поседнатите луѓе, а им раздели и од рибите, на секој колку што сакаше.
12Кога народот се најаде, Исус им рече на Своите ученици: „Соберете ги парчињата што останаа, ништо да не пропадне.“
13Од петте јачменови лебови, тие собраа и наполнија дванаесет кошници со парчиња што им останаа на луѓето кои јадеа.
14Кога го видоа чудото што Исус го направи, луѓето говореа: „Овој навистина е Пророкот чие доаѓање на светот ни беше предвестено!“
15Но, Исус, кога дозна дека наумиле сосила да Го зграпчат и да Го прогласат за цар, повторно се повлече сам во гората.
16На квечерина, учениците на Исус слегоа до езерото.
17Се качија во едно бротче и се упатија кон Кафарнаум, од другата страна на езерото. Веќе се беше стемнило, а Исус се уште не беше дошол кај нив.
18Почна да дува силен ветер од кој езерото се разбранува.
19Кога извеслаа околу четири до пет километри, тие Го видоа Исуса како се доближува до бротчето, одејќи по езерото, и се исплашија.
20А Тој им рече: „Јас сум! Не плашете се!“
21Тогаш тие се осмелија да Го примат во бротчето и бротчето веднаш се најде на оној дел од брегот каде што се беа упатиле!
22Следниот ден, многубројниот народ што остана од другата страна на езерото, забележа дека таму имаше само едно бротче, а знаеја дека Исус не влезе во него со учениците, туку тие заминаа без Него.
23Потоа пристигнаа од Тиберија и други бротчиња и пристанаа близу до местото каде што беа јале од лебот, што Господ го благослови.
24Кога луѓето видоа дека ги нема ни Исуса, ни Неговите ученици, влегоа во бротчињата и отидоа во Кафарнаум, за да Го бараат.
25Кога луѓето Го најдоа Исуса, од другата страна на езерото, Го прашаа: „Раби, кога пристигна овде?“
26Исус им одговори: „Вистина е дека вие не Ме барате затоа што ги разбравте Моите чуда, туку затоа што јадевте од лебовите и се наситивте!
27Престанете да се грижите само за храната што се расипува! Погрижете се за храната што дава вечен живот, која ќе ви ја дадам Јас, Синот Човечки, затоа што, Бог, небесниот Татко, Ми го даде тоа право!“
28„Што треба да правиме, за да го исполниме она што Бог го бара од нас?“ - го прашаа тие.
29Исус им одговори: „Бог бара од вас да верувате во Оној што Тој Го прати.“
30Тогаш тие Му рекоа: „Какво чудо ќе направиш, за да видиме, па да Ти поверуваме? Што ќе направиш?
31Нашите предци јадеа мана во пустината, како што стои запишано: ,Бог им даде да јадат леб од небото‘.“
32Исус, пак, им одговори: „Ве уверувам дека не беше Мојсеј тој што ви даде леб од небото, туку Мојот Татко. И сега Мојот Татко ви го нуди вистинскиот Леб од небото.
33Зашто, Лебот што ви го дава Бог е Оној што слезе од небото, за да му даде живот на светот.“
34„Господине“, - му рече народот - „давај ни го тој леб секогаш!“
35Исус им рече: „Јас сум животодавниот Леб! Оној што доаѓа кај Мене никогаш нема да огладни и оној што верува во Мене никогаш нема да ожедни.
36Но ви реков дека, иако Ме видовте, сепак не верувате во Мене.
37Секој што Ми е даден од Татко Ми, ќе дојде кај Мене, а Јас нема да одбијам ниту еден од оние што доаѓаат кај Мене.
38Јас не слегов од небото за да ја вршам Својата волја, туку да ја вршам волјата на Бог, Кој Ме прати.
39А волјата на Бог, Кој Ме прати е да не изгубам ниту еден од оние што Тој ми ги даде, туку на крајот сите да ги воскреснам за вечен живот.
40Волјата на Мојот небесен Татко е: секој што го гледа Синот и верува во Него, да има вечен живот и на крајот Јас да го воскреснам.“
41Тогаш Евреите почнаа незадоволно да мрморат против Исус, затоа што рече: „Јас сум Лебот што слезе од небото!“
42Говореа: „Зар Овој не е Исус, синот на Јосиф, и зар не ги познаваме татко Му и мајка Му!? Како може да вели дека Тој слегол од небото!?“
43Исус им одговори: „Не мрморете помеѓу себе!
44Никој не може да дојде кај Мене, ако небесниот Татко, Кој Ме прати, не го привлече; а на крајот, Јас ќе го воскреснам за вечен живот!
45Во пророчките книги на Светото Писмо стои запишано: ,Бог ќе ги научи сите‘. Секој што Го слуша небесниот Татко и учи од Него, доаѓа кај Мене.
46Тоа не значи дека некој Го видел Бог, освен Оној Кој потекнува од Бога. Само Тој го видел Таткото.
47Ве уверувам дека оној што верува во Мене, веќе има вечен живот.
48Јас сум животодавниот Леб.
49Вашите предци јадеа мана во пустината, но потоа умреа.
50Еве Го Лебот што слегува од небото, за секој да може да јаде од Него и да не умре.
51Јас сум животодавниот Леб Кој слезе од небото! Кој се храни од овој Леб - ќе живее вечно! А Лебот што Јас ќе го дадам за животот на светот е Моето тело.“
52Тогаш Евреите почнаа одново да се препираат помеѓу себе, велејќи: „Како може Овој да ни го даде Своето тело да се храниме со Него!?“
53Исус, пак, им рече: „Ве уверувам дека, доколку не се храните од телото на Синот Човечки и не се напојувате од Неговата крв - ќе немате живот во себе!
54Оној што се храни од Моето тело и се напојува од Мојата крв, има вечен живот и на крајот, Јас ќе го воскреснам.
55Моето тело е вистинска храна и Мојата крв е вистинска напивка.
56Кој се храни од Моето тело и се напојува од Мојата крв, живее во Мене и Јас во него.
57Мене Ме испрати живиот Татко, и како што причина за Моето живеење е Таткото, така и оној што се храни од Мене ќе живее заради Мене.
58Лебот што слезе од небото не е како лебот што вашите предци го јадеа, а потоа умреа; тој што го јаде овој Леб - ќе живее вечно!“
59Исус ги изрече овие зборови додека поучуваше во синагогата, во градот Кафарнаум.
60Кога го слушнаа тоа, голем број од следбениците на Исус рекоа: „Тешко е ова учење; кој може да го слуша!?“
61Свесен дека Неговите ученици мрморат за тоа, Исус им рече: „Зар ова ве натера да потклекнете!?
62А што, ако Ме видите Мене, Синот Човечки, како се искачувам на небото, каде што бев порано!?
63Духот е Тој што дава живот, а не човечкото тело. Зборовите што ви ги кажав се од тој животодавен Дух.
64Но меѓу вас има некои што не веруваат.“ Исус го рече ова, зашто од почетокот знаеше кои се тие што не веруваат и кој ќе Го предаде.
65Потоа им рече: „Затоа ви реков дека никој не може да дојде кај Мене, ако тоа не му е овозможено од небесниот Татко.“
66Од тој момент многумина од Неговите ученици Го напуштија и престанаа да одат со Него.
67Тогаш Исус им рече на Дванаесеттемина: „Ако сакате, можете и вие да си заминете“.
68Симон Петар Му одговори: „Господе, кај кого да одиме? Твоите зборови носат вечен живот!
69Ние веруваме во Твоите зборови и знаеме дека Ти си Светецот, Кој ни дојде од Бога.“
70Исус, пак, им одговори: Нели Јас ве избрав вас дванаесеттемина? Па сепак, еден од вас е ѓавол.“
71Тоа го рече за Јуда, синот на Симон Искариот, еден од дванаесеттемина, кој имаше намера да Го предаде.

Currently Selected:

Јован 6: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy