Maтеј 20
MNT

Maтеј 20

20
1„Небесното царство може да се опише со ваква споредба: Еден домаќин излезе рано наутро да повика наемни работници за своето лозје.
2Се погоди со нив да им плати по една надница и ги испрати на лозјето.
3Околу девет часот наутро, тој повторно отиде на пазарот и виде и други луѓе кои чекаа за работа,
4па им рече: ,Одете и вие на моето лозје, а јас ќе ви платам колку што ви следува.‘ И тие отидоа.
5Потоа го направи истото околу дванаесет часот, и уште еднаш околу петнаесет часот.
6Кога излезе околу седумнаесет часот, виде и други луѓе како стојат, па им се обрати: ,Зошто безделничите овде цел ден?‘
7,Никој не ни понуди работа‘ му одговорија тие. Тогаш и ним им рече: ,Одете и вие на моето лозје!‘
8Кога се стемни, господарот му рече на својот надзорник: ,Повикај ги работниците и исплати им по една надница на сите, почнувајќи од последните, па до првите.‘
9И така, оние што дојдоа на нивата во седумнаесет часот добија по една надница.
10Кога дојдоа на ред првите мислеа дека ќе добијат повеќе, но и тие добија по една надница.
11Штом ги примија парите, тие почнаа да мрморат против господарот, велејќи:
12,Овие последниве работеа само еден час, а ти ги израмни со нас, кои се мачевме цел ден на жегата!‘
13Обраќајќи му се на еден од нив, тој му рече: ,Пријателе, јас тебе не те оштетив. Зар не се погодивме за надницата?
14Земи си ја и оди си! А јас сакам да му платам на последниот колку и тебе;
15зар немам право да правам што сакам со своите пари? Или, пак, окото ти е завидливо затоа што сум дарежлив!?‘“
16И така, тие што сега се последни, тогаш ќе бидат први, а тие што сега се први, тогаш ќе бидат последни“ заклучи Исус.
17Одејќи кон Ерусалим, Исус ги тргна настрана дванаесеттемина и додека чекореа по патот, им рече:
18„Еве, на пат сме кон Ерусалим; таму Јас, Синот Човечки, ќе им бидам предаден на свештеничките поглавари и на вероучителите.
19Тие ќе Ме осудат на смрт и ќе Ме предадат на Римјаните да Ми се подбиваат, да Ме камшикуваат и да Ме распнат. Но на третиот ден Јас ќе воскреснам.“
20Тогаш кај Исус дојде мајката на Завдаевите синови, заедно со своите двајца синови, Јаков и Јован, клекна пред Него и Го замоли за една услуга.
21„Што сакаш?“ ја праша Исус. „Дај им на моиве два сина почесни места од Твојата десна и лева страна во Твоето царство“ Му рече таа.
22Исус им се обрати на двајцата нејзини синови и им рече: „Не знаете што барате. Ќе можете ли да пиете од чашата на Моите страдања, од која Јас ќе пијам?“ А тие Му одговорија: „Ќе можеме!“
23„Добро, и вие ќе пиете од Мојата чаша им одоговори Исус но Јас не можам да одредам кој ќе седи од Мојата десна страна, а кој од левата. Тие места им припаѓаат на оние за кои ги определил Мојот небесен Татко.“
24Кога преостанатите десет ученици разбраа за ова, им се налутија на двајцата браќа.
25Тогаш Исус ги повика кај Себе сите заедно и им рече: „Знаете дека владетелите на овој свет владеат сурово над луѓето.
26Но, меѓу вас не треба да биде така. Напротив, ако некој сака да биде водач меѓу вас нека им служи на сите.
27Тој што сака да биде прв меѓу вас, нека ви биде слуга
28како што Јас, Синот Човечки, не дојдов за да Ми служат, туку Јас да им служам на луѓето и да го дадам Својот живот како откупнина за мнозина.“
29На излегување од градот Јерихо, голема толпа народ врвеше по Исус и Неговите ученици.
30Покрај патот седеа двајца слепи и штом слушнаа дека Исус минува оттаму почнаа да викаат на сиот глас: „Господе, Сине Давидов, покажи милост спрема нас!“
31Народот се обидуваше да ги замолкне, но тие уште погласно викаа: „Господе, Сине Давидов, покажи милост спрема нас!“
32Исус застана, ги повика кај Себе и ги праша: „Што сакате да сторам за вас?“
33„Да прогледаме, Господе!“ му одговорија тие.
34Исус се сожали и им ги допре очите и тие наеднаш прогледаа и тргнаа по Него.

Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.


Learn More About Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик