YouVersion Logo
Search Icon

Јован 8

8
1Потоа Исус отиде на Маслиновата Гора.
2Следното утро, Тој повторно дојде во храмот. Сиот народ доаѓаше кај Него, а Тој, седејќи, ги поучуваше.
3Вероучителите и фарисеите доведоа една жена што беше фатена во прељуба, па откако ја поставија насреде,
4Му рекоа: „Учителе, оваа жена е фатена на дело како врши прељуба.
5Во нашиот Закон Мојсеј заповедал таквите жени да бидат каменувани. Што велиш Ти?“
6Тие Му го рекоа ова на Исус за да видат што ќе стори, надевајќи се дека ќе има за што да Го обвинат. Исус се наведна и почна со прстот да пишува по земјата.
7Но бидејќи тие упорно Го прашуваа, Тој се исправи и им рече: „Тој што меѓу сите вас е без грев, прв нека фрли камен на неа!“
8Потоа повторно се наведна и продолжи да пишува по земјата.
9Кога обвинителите го слушнаа тоа, еден по еден почнаа да си заминуваат, на чело со старешините, се додека не останаа само Исус и жената, која стоеше на средината.
10Исус се исправи и ја праша: „Жено, каде се луѓето што те обвинуваа? Никој ли не те осуди?“
11„Никој, Господине!“ - Му одговори таа. „Тогаш ни Јас не те осудувам; оди си и отсега не греши“ - и рече Исус.
12Подоцна, Исус повторно им зборуваше на фарисеите: „Јас сум Светлината на светот! Секој што ќе биде Мој следбеник ќе ја има животодавната Светлина и никогаш нема да талка во темнина!“
13Тогаш фарисеите Му рекоа: „Еве, сега Самиот сведочиш за Себе! Значи, Твоето сведоштво не е веродостојно!“
14Исус им одговори: „И да сведочам Сам за Себе, тоа што го кажувам е веродостојно, затоа што Јас знам од каде дојдов и каде заминувам. А вие не знаете ниту од каде доаѓам, ниту каде заминувам.
15Вие судите според човечки мерила, а Јас никого не судам.
16А, и ако судам, Мојот суд е справедлив, бидејќи тоа не го правам Сам, туку заедно со Таткото што Ме испрати.
17Во вашиот Закон стои запишано дека сведоштвото од двајца се смета за веродостојно.
18Јас сведочам за Себе и Мојот Татко што Ме испрати сведочи за Мене.“
19Тогаш тие Го прашаа: „Каде е Твојот Татко?“ Исус им одговори: „Ниту Мене Ме познавате, ниту Мојот Татко Го познавате! Кога би Ме знаеле Мене, би Го знаеле и Мојот Татко!“
20Овие зборови Тој ги кажа кај ризницата, додека поучуваше во храмот и никој не Го уапси, зашто се уште не беше дошол Неговиот час.
21Потоа Исус повторно им се обрати и им рече: „Јас си заминувам, а вие ќе Ме барате, но ќе умрете со непростени гревови! Вие не можете да дојдете таму каде што Јас заминувам!“
22Еврејските верски водачи си велеа: „Да не изврши самоубиство, штом вели: ,Вие не можете да дојдете таму каде што Јас заминувам!‘?“
23Исус им рече: „Вие му припаѓате на овој свет долу, а Јас доаѓам од горе. Вие сте од овој свет, а Јас не сум од овој свет.
24Затоа ви реков дека ќе умрете со непростени гревови. Ако не поверувате дека Јас Сум Тој што Сум - ќе умрете со непростени гревови!
25„Кој си Ти?“ - Го прашаа тие. Исус им одговори: „Што ви кажував од почетокот?
26Имам многу работи за вас да зборувам и за многу нешта да ве судам, но нема да го сторам тоа. Оној што Ме испрати е вистинит и Јас го зборувам само она што сум го чул од Него.“
27Тие не сфатија дека им зборува за небесниот Татко.
28Исус продолжи: „Кога ќе Го подигнете Синот Човечки, тогаш ќе дознаете дека Јас Сум Тој што Сум и дека Сам од Себе ништо не правам, туку ги зборувам овие работи онака како што Ме упати Таткото.
29Тој што Ме испрати е со Мене. Тој не Ме остава Сам, затоа што Јас секогаш постапувам онака како што Тој сака да постапувам.“
30Додека го зборуваше ова, многумина поверуваа во Него.
31Тогаш Исус им се обрати на Евреите кои поверуваа во Него: „Вие ќе бидете Мои вистински ученици, ако се придржувате до Моето учење.
32Тогаш ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.“
33Тие Му одговорија: „Ние сме потомци на Авраам и никогаш никому не сме му робувале; што сакаш да кажеш кога велиш дека ќе бидеме слободни!?“
34Исус им одговори: „Ве уверувам дека секој што греши му робува на гревот.
35А робот не останува трајно во семејството. Синот е трајно член на семејството.
36Ако Синот ве ослободи, ќе бидете навистина слободни!
37Знам дека сте потомци на Авраам, но сакате да Ме убиете, затоа што не сакате да го прифатите Моето учење.
38Јас го кажувам она што сум го видел кај Таткото. Вие постапувате онака како што ве научил вашиот татко!“
39„Нашиот татко е Авраам!“ - Му одговорија тие. Исус им рече: „Да бевте Авраамови деца, ќе постапувавте онака како што постапуваше Авраам.
40Но вие сега сакате да Ме убиете, Мене, Човекот што ви ја зборува вистината што ја чул од Бога. Авраам не правеше така!
41Вие го правите она што го прави и вашиот татко!“ „Ние не сме вонбрачни деца!“ - Му одговорија тие - „Еден Татко имаме, а тоа е Бог!“
42Исус им рече: „Ако Бог беше ваш Татко, вие ќе Ме сакавте, зашто Јас дојдов од Бог и сега сум овде. Не дојдов само по Своја одлука, туку Тој Ме испрати.
43Зошто не разбирате што ви зборувам? - Затоа што не можете да ја поднесете Мојата порака!
44Вашиот татко е Ѓаволот, и вие со задоволство ги извршувате неговите желби. Тој беше човекоубиец од почетокот и никогаш не бил на страната на вистината, зашто во него нема вистина. Кога лаже, тоа произлегува од неговиот карактер, зашто тој е лажго и татко на лагата.
45А мене не Ми верувате, зашто Јас ја кажувам вистината.
46Кој од вас може да Ме обвини за грев? Ако, пак, ја зборувам вистината, тогаш зошто не Ми верувате?
47Оној што е од Бога, ги слуша Божјите зборови, а вие не сте од Бога и затоа не сакате да слушате.“
48Еврејските верски водачи Му рекоа на Исуса: „Зар не сме во право кога велиме дека Ти си Самарјанец и дека си обземен од демон!?“
49Исус им одговори: „Јас немам демон во Себе, зашто Го почитувам Мојот небесен Татко, а вие Ме срамотите.
50Иако, Јас не барам слава за Себе, Бог бара да Ме почитувате и Тој ќе суди за тоа.
51Ве уверувам дека тој што се држи до Моето учење, никогаш нема да умре!“
52Еврејските верски водачи Му рекоа: „Сега сме уверени дека си обземен од демон! Авраам умре и пророците умреа, а Ти велиш: ,Тој што се држи до Моето учење, никогаш нема да умре!‘
53Зар си Ти поголем од нашиот татко Авраам, кој сепак умре!? А и пророците умреа. Што се замислуваш Ти!?“
54Исус им одговори: „Ако Јас самиот си придавам чест, Мојата слава е ништожна. Мојот Татко е Тој што Ме прославува - Оној, за Кого вие велите дека е ваш Бог,
55а никогаш не сте Го познавале. Јас, пак, Го знам. Кога би рекол дека не Го знам, би бил лажливец како вас. Но Јас Го знам и го извршувам тоа што Тој ќе го каже.
56Вашиот прататко Авраам се радуваше во очекувањето да го види денот на Моето доаѓање; тој го виде и беше пресреќен.“
57„Како си можел да го видиш Авраам, кога немаш ни педесет години!?“ - Му рекоа еврејските верски водачи.
58Исус им одговори: „Ве уверувам дека уште пред да се роди Авраам, ЈАС СУМ!“
59Тогаш тие зедоа камења за да фрлаат по Него, но Исус се скри и го напушти храмот.

Currently Selected:

Јован 8: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy