YouVersion Logo
Search Icon

Матеј 2

2
1А кога Исус се роди во Витлеем Јудејски, во дните на цар Ирод, ете, мудреци од исток пристигнаа во Ерусалим,
2и рекоа: „Каде е Тој кој се родил, Царот на Јудејците? Зашто ја видовме Неговата ѕвезда на исток и дојдовме да Му се поклониме.”
3Кога го чу тоа, царот Ирод се вознемири, и целиот Ерусалим со него.
4И ги собра сите главни свештеници и народните книжници и ги распрашуваше каде треба да се роди Христос.
5А тие му рекоа: „Во Витлеем Јудејски, зашто пророкот напиша така:
6’И ти, Витлееме, земјо Јудина, никако не си помал меѓу Јудините првенци, зашто од тебе ќе излезе Владетел, Кој ќе го пасе Мојот народ Израел.’
7Тогаш Ирод ги повика тајно мудреците и внимателно го научи од нив времето, кога се појавила ѕвездата,
8и испраќајќи ги во Витлеем им рече: „Отидете и распрашајте се точно за Детето, и кога ќе Го најдете, јавете ми, за да дојдам и јас да Му се поклонам.”
9Тие, откако го ислушаа царот, тргнаа, и ете, ѕвездата, што ја видоа на исток, одеше пред нив додека не дојде и не застана над местото каде беше Детето.
10И кога ја видоа ѕвездата, се зарадуваа со многу голема радост.
11И кога влегоа во куќата, го видоа Детето со Неговата мајка Марија, и паднаа ничкум и Му се поклонија; ги отворија своите сокровишта и Му принесоа дарови: злато, темјан и смирна.
12И откако беа предупредени од Бога во сон, да не се враќаат при Ирода, заминаа по друг пат за својата земја.
13А кога си отидоа тие, ете, Господов ангел му се јави на Јосифа во сон и му рече: „Стани, земи Го Детето, и Неговата мајка, и бегај во Египет, и остани таму додека не ти кажам, зашто Ирод ќе Го бара Детето за да Го погуби.”
14И тој стана, Го зеде Детето и Неговата мајка, ноќе, и отиде во Египет;
15и таму беше до Иродовата смрт; за да се исполни реченото од Господа преку пророкот кој вели: „Од Египет Го повикав Својот Син.”
16Тогаш Ирод, кога виде дека мудреците го измамија, се разгневи многу, па испрати да бидат погубени, во Витлеем и во целата негова околина, сите машки деца од две години и помали, според времето што го дозна точно од мудреците.
17Тогаш се исполни реченото од пророкот Еремија кога рече:
18”Глас се чу во Рама, плач и ридање големо; Рахил ги оплакува своите деца, и не сака да се утеши, зашто ги нема.”
19А кога умре Ирод, ете, Господов ангел му се јави на Јосифа во сон, во Египет,
20и му рече: „Стани, земи Го Детето и Неговата мајка и оди во земјата Израелева, зашто умреа оние, кои ја бараа душата на Детето.”
21И тој стана, го зеде Детето и Неговата мајка, и дојде во земјата Израелева.
22Но кога чу дека во Јудеја царува Архелај, место татка си Ирода, се уплаши да отиде таму; туку предупреден од Бога во сон отиде во пределите Галилејски;
23и откако дојде се насели во градот наречен Назарет, за да се исполни реченото од пророците дека ќе се нарече Назареец.

Currently Selected:

Матеј 2: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy