Јован 3
MKB

Јован 3

3
1А меѓу фарисеите имаше еден човек, по име Никодим, јудејски старешина.
2Тој дојде ноќе при Исуса и Му рече: „Рави! Знаеме дека си дојден од Бога како Учител; зашто никој не може да ги прави чудесата, што ги правиш Ти, ако Бог не е со него.”
3Исус му одговори и рече: „Вистина, вистина, ти велам, ако некој не се роди одозгора, тој не може да го види Божјото Царство.”
4Никодим Му рече: „Како може да се роди човек, кога е стар? Зар може по вторпат да влезе во утробата на мајка си и да се роди?”
5Исус му одговори: „Вистина, вистина, ти велам: ако некој не се роди од вода и Дух, тој не може да влезе во Божјото Царство.
6Роденото од тело, тело е; а роденото од Дух, дух е.
7Не чуди се што ти реков: треба да се родите одозгора.
8Ветерот дува каде што сака, и го слушаш неговиот шум, а не знаеш од каде доаѓа и каде оди. Така е со секој, кој е роден од Дух.”
9Никодим Му одговори и рече: „Како може да биде тоа?”
10Исус му одговори и рече: „Ти си Израелев учител, и не го знаеш ли тоа?
11Вистина, вистина, ти велам: зборуваме за она, што знаеме; сведочиме за она што сме виделе; а сепак не го примате нашето сведоштво.
12Не верувате кога ви зборував за земните работи, како ќе верувате ако ви кажувам за небесните?
13И никој не отишол во небо, освен Оној, Кој слезе од небото, Човечкиот Син Кој е во небото.”
14И како што Мојсеј ја издигна змијата во пустината, така треба да биде издигнат Човечкиот Син,
15та секој, кој верува во Него да не загине, но да има вечен живот.
16Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој, кој верува во Него, да не загине, туку да има вечен живот.
17Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него.
18Кој верува во Него, нему не му се суди; а кој не верува веќе е осуден, зашто не поверувал во името на Единородниот Божји Син.
19Судот се состои во ова: Светлината дојде во светот, а луѓето ја засакаа темнината повеќе од светлината, зашто делата им беа зли.
20Зашто, секој кој прави зло ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат откриени неговите дела;
21а кој ја извршува вистината оди кон светлината, за да се видат неговите дела, бидејќи се извршени во Бога.
22Потоа Исус дојде со Своите ученици во Јудеја; таму се задржа со нив и крштаваше.
23Исто и Јован крштаваше во Енон, близу Салим, зашто таму имаше многу вода, и луѓето доаѓаа и се крштаваа;
24зашто Јован уште не беше фрлен во темница.
25Така настана препирка меѓу Јовановите ученици и еден Јудеец околу очистувањето.
26И дојдоа при Јована и му рекоа: „Учителе, ене, Оној Кој беше со тебе на онаа страна на Јордан, за Кого ти сведочеше, Тој крштава, и сите одат при Него.”
27Јован одговори и рече: „Не може човек ништо да земе, ако не му е дадено од небото.
28Вие сами сте мои сведоци дека реков: „Јас не сум Христос, туку сум испратен пред Него.”
29Кој има невеста, тој е младоженец. А пријателот на младоженецот, кој стои и го слуша, се радува многу штом ќе го чуе гласот на младоженецот. И така, оваа моја радост се исполни.
30Тој треба да расте, а јас да се смалувам!”
31Кој доаѓа одозгора, над сите е; кој е од земјата, земен е и зборува земски. Кој доаѓа од небото над сите е;
32тој сведочи за она што видел и чул, но никој не го прима Неговото сведоштво.
33Кој го примил Неговото сведоштво, потврдува дека Бог е вистински.
34Зашто Оној Кого Бог Го испратил говори Божји зборови; бидејќи, Бог не дава Дух со мерка.
35Таткото Го љуби Синот и сè предаде во Неговата рака.
36Кој верува во Синот, има вечен живот; а кој не се покорува на Синот, нема да види живот, туку Божијот гнев останува врз него.”

Библија (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет, превод Душан Х. Константинов

Copyright © 1999, 2004 by Loukas Foundation, The Netherlands


Learn More About БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет