YouVersion Logo
Search Icon

Матеј 26

26
Последното кажување за страдањата Исусови. Помазувањето во Витанија. Пасха и тајната вечера. Борбата во Гетсиманија. Јудиното предавство. Исуса го фаќаат. Сослушувањето пред свештеничкиот старешина. Петровото одречување.
1И кога ги заврши Исус овие зборови, им рече на учениците Свои:
2»Знаете дека по два дни ќе биде Пасха и Синот Човечки ќе биде предаден на распјатие.«
3Тогаш првосвештениците и книжниците, и старешините народни се собраа во дворот на првосвештеникот, по име Кајафа,
4и се советуваа како да Го фатат Исуса со измама и да Го убијат;
5но рекоа: »Само не на празникот, за да не стане бунт во народот.«
6А кога беше Исус во Витанија, во куќата на Симона Прокажениот,
7се приближи до Него една жена, која носеше шише со скапоцено миро, и го изли врз главата Негова, кога Он седеше на трпезата.
8И штом го видоа тоа учениците Негови, се расрдија и рекоа: »Какво е тоа растурање?
9Оти тоа миро можеше да се продаде многу скапо и парите да се разделат на сиромаси.«
10Но Исус, разбирајќи го тоа, им рече: »Зошто ја буните жената? Таа направи добро дело за Мене;
11оти сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш;
12таа, изливајќи го тоа миро врз телото Мое, Ме приготви за погребение.
13Вистина, ви велам: каде и да биде проповедано ова Евангелие по цел свет ќе се прикажува за нејзин спомен и тоа што го направи таа.«
14Тогаш еден од дванаесетте, по име Јуда Искариот, отиде при првосвештениците
15и рече: »Што ќе ми дадете, па да ви Го предадам?« А тие му предложија триесет сребреници.
16И оттогаш тој бараше погодно време да Го предаде.
17А во првиот ден на празникот Бесквасници пристапија кон Исуса учениците и Му рекоа: »Каде сакаш да ти приготвиме да јадеш пасха?«
18Он им рече: »Одете в град при тој и тој човек и кажете му: ‚Учителот вели: времето Ми наближи, при тебе ќе ја прославам Пасхата со учениците Свои.‘«
19Учениците направија како што им заповеда Исус и ја приготвија пасхата.
20Штом се стемни, Он седна на трпезата со дванаесетте.
21И кога јадеа, им рече: »Вистина, ви велам: еден од вас ќе Ме предаде.«
22Тие многу се нажалија и секој од нив почна да Го прашува: »Да не сум јас, Господи?«
23А Он им одговори и рече: »Оној што ќе макне со Мене во чинијата, тој ќе Ме предаде.
24Синот, пак, Човечки, вистина си оди, како што е напишано за Него; но тешко му на оној човек, преку кого Синот Човечки ќе се предаде; добро ќе беше за тој човек ако не беше се родил.«
25А Јуда, што Го предаде, одговори и рече: »Да не сум јас, Рави?« Му одговори: »Ти рече.«
26И кога јадеа, Исус зеде леб, го благослови и рече: »Земете, јадете, ова е Моето тело.«
27И како ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: »Пијте од неа сите;
28зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина, за опростување на гревовите.
29И вам ви велам, оти отсега нема да пијам од овој лозов плод сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов со вас, во царството на Мојот Отец.«
30И откако испеаја благодарствена песна, се искачија во Елеонската Гора.
31Тогаш им рече Исус: »Сите вие ќе се соблазните заради Мене уште во оваа ноќ; зашто е напишано: ‚Ќе Го поразам пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат.‘
32А по воскресението Мое ќе отидам порано од вас во Галилеја.«
33Тогаш Петар Му одговори и рече: »Дури и сите да се соблазнат заради Тебе, јас никогаш нема да се соблазнам.«
34Исус му рече: »Вистина, ти велам: дека оваа ноќ, уште пред да пропее петел, трипати ќе се одречеш од Мене.«
35Петар Му кажа: »Ако затреба дури и да умрам со Тебе, нема да се откажам од Тебе.« Истото го рекоа и сите ученици.
36Потоа отиде Исус со нив на едно место, наречено Гетсиманија, и им рече на учениците: »Поседете тука, додека отидам онаму да се помолам.«
37И кога ги поведе со Себе Петра и двајцата Зеведееви синови, се натажи и почна да тагува.
38Тогаш им рече Исус: »Смртно е нажалена Мојата душа; останете тука и видете будни со Мене!«
39И како се пооддалечи малку, падна ничкум; се молеше и говореше: »Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но не како Јас што сакам, туку како Ти.«
40Па дојде при учениците и ги затече како спијат, и му рече на Петра: »Толку ли не можевте еден час да останете со Мене будни?
41Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.«
42Отиде пак, повторно, и се помоли, говорејќи: »Оче Мој, ако не може да одмине од Мене оваа чаша, да не ја испијам, тогаш нека биде волјата Твоја!«
43И кога дојде, пак ги најде да спијат, оти очите им беа натежнале.
44И кога ги остави, отиде и се помоли по третпат, изговарајќи ги истите зборови.
45Потоа дојде при учениците Свои и им рече: »Сѐ уште спиете и почивате! Ете, наближи часот и Синот Човечки се предава во рацете на грешници.
46Станете да одиме! Ете, наближи оној што Ме предава.«
47Додека Он уште говореше, ете, Јуда, еден од дванаесетте, дојде, и со него многу луѓе со ножеви и колови, испратени од страна на првосвештениците и старешините народни.
48А оној, што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: »Кого што ќе Го целивам, Он е, фатете Го!«
49И веднаш се приближи до Исуса и Му рече: »Радуј се, Рави!« И Го целива.
50А Исус му рече: »Пријателе, зошто си дошол?« Тогаш пристапија, положија раце на Исуса и Го фатија.
51И ете, еден од оние што беа до Исуса, протегна рака и извади нож, па како го удри слугата на првосвештеникот, му го отсече увото.
52Тогаш Исус му рече: »Врати го ножот на местото негово; зашто сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат;
53или мислиш дека не можам да Го помолам сега Својот Отец, да Ми прати повеќе од дванаесет легиони ангели?
54Но, како ќе се исполнат Писмата, ако ова не стане?«
55Потоа Исус му рече на народот: »Како на разбојник сте излегле со ножеви и колови, за да Ме фатите. Секој ден седев со вас, поучувајќи во храмот, и не Ме фативте.
56Но сето тоа стана, за да се исполнат пророчките писма.« Тогаш сите ученици Го оставија и се разбегаа.
57А оние, што го фатија Исуса, Го одведоа при првосвештеникот Кајафа, каде што беа собрани книжниците и старешините.
58Петар, пак, одеше по Него оддалеку, до дворот на првосвештеникот; и како влезе внатре, седна со слугите, за да го види крајот.
59А првосвештениците и старешините, и целиот Синедрион бараа лажно сведоштво против Исуса, за да Го убијат,
60и не наоѓаа; и, макар што пристапија многу лажни сведоци, не најдоа. Но најпосле дојдоа двајца лажни сведоци,
61и рекоа: »Овој кажа: ‚Можам да го урнам Божјиот храм и за три дни да го соѕидам.‘«
62И како стана првосвештеникот, Му рече: »Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?«
63Но Исус молчеше. А првосвештеникот Му рече: »Те заколнувам во Живиот Бог да ни кажеш: Ти ли си Христос, Син Божји?«
64Исус му одговори: »Ти рече! Ви велам пак: отсега ќе Го гледате Синот Човечки како седи оддесно на силата и како доаѓа по небеските облаци.«
65Тогаш првосвештеникот ја раскина облеката своја и рече: »Овој хули на Бога! Каква потреба имаме повеќе од сведоци? Ете, сега го чувте Неговото хулење.
66Како ви се чини?« А тие одговорија и рекоа: »Заслужува смрт!«
67Тогаш Го плукаа в лице и Го удираа по образите, а други Го биеја
68и говореа: »Проречи ни, Христе, кој Те удри?«
69А Петар седеше надвор во дворот. И се приближи до него една слугинка и му рече: »И ти беше со Исуса Галилеецот.«
70Но тој се одрече пред сите, велејќи: »Не знам што зборуваш.«
71А кога одеше кон вратата, го виде друга и им рече на оние што беа таму: »И овој беше со Исуса Назареецот.«
72И пак се одрече тој со клетва: »Не Го познавам Човекот.«
73Малку потоа се приближија оние, што стоеја таму и му рекоа на Петра: »Навистина, и ти си од нив, зашто и говорот твој те издава.«
74Тогаш тој почна да се колне, и се заколна: »Не Го познавам Човекот.« И веднаш запеа петел.
75И се сети Петар на Исусовите зборови, што му ги рече: »Уште петел пред да пропее, трипати ќе се одречеш од Мене.« Па излезе надвор и плачеше горко.

Currently Selected:

Матеј 26: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy