YouVersion Logo
Search Icon

Матеј 12

12
Христос ги брани оние што кинат класје и лекувањето во сабота, исцелува еден бесен, го казнува фарисејското хулење на Бога и не сака да даде знак; покажува кои се Неговите вистински роднини.
1Во тоа време, една сабота, Исус минуваше преку нивјето, а учениците Негови огладнеа, па почнаа да кинат класје и да јадат.
2Фарисеите, штом го видоа тоа, Му рекоа: »Ете, учениците Твои прават, што не треба да се прави во сабота.«
3А Он им рече: »Не сте ли читале што направи Давид, кога сам тој огладне и оние што беа со него?
4Како влезе во домот Божји, ги изеде лебовите од жртвеникот, што не требаше да ги јаде ни тој, ниту оние што беа со него, а само свештениците.
5Или, не сте ли читале во Законот дека во саботен ден свештениците ја нарушуваат саботата и пак не се виновни?
6Но Јас ви велам дека е тука Оној, Кој е поголем од храмот;
7и, ако знаевте што значи: ‚Милост сакам, а не жртва‘, немаше да ги осудите невините;
8зашто Синот Човечки е господар и на саботата.«
9И како отиде оттаму, дојде во синагогата нивна.
10И ете, таму беше еден човек, кој имаше исушена рака. И за да Го обвинат, Го прашаа Исуса: »Бива ли во сабота да се лекува?«
11А Он им рече: »Кој е тој од вас, ако има една овца и таа падне во саботен ден во јама, што не ќе ја прифати и извади?
12А колку, пак, човекот е поскап од една овца? И така, во сабота е позволено да се прави добро.«
13Тогаш му рече на човекот: »Протегни ја раката!« И тој ја протегна. И таа стана здрава како другата.
14А фарисеите, штом излегоа, се договорија како да Го погубат. Но Исус, кога разбра, се оддалечи оттаму.
15И тргна по Него многу народ и Он ги исцели сите;
16и им забрани да разгласуваат за Него;
17за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели:
18»Ете Го слугата Мој, Кого Го избрав, Мојот возљубен, што е по волјата на Мојата душа. Ќе го положам Духот свој над Него и на народите ќе им објави суд;
19нема да се кара, ниту ќе вика, и никој нема да го чуе гласот Негов по раскрсниците.
20Трските прекршени нема да ги докрши, ниту запалените светила ќе ги угасне, дури не го изведе судот кон победа.
21И во Неговото име народите ќе се надеваат.«
22Тогаш доведоа при Него еден бесен, кој беше слеп и нем; и го излекува, така што слепонемиот прогледа и проговори.
23И сиот народ се чудеше и велеше: »Не е ли Овој Христос, синот Давидов?«
24А фарисеите, штом го чуја тоа, рекоа: »Он не ги истерува бесовите по друг начин освен преку Велзевула, началникот на ѓаволите.«
25Но Исус, знаејќи ги нивните помисли, им рече: »Секое царство, ако се раздели, запустува; и секој град или дом, ако се раздели на противни групи, ќе пропадне.
26И, ако сатаната изгонува сатана, тој се разделил сам против себе; тогаш како може да се запази царството негово?
27И ако Јас истерувам бесови преку Велзевула, а синовите ваши преку кого ги изгонуваат? Затоа тие ќе ви бидат судии.
28Ако, пак, Јас истерувам бесови со Духот Божји, тоа значи дека дошло царството Божјо до вас.
29Или, како може да влезе некој во куќата на силен човек и да му ја плени покуќнината, ако најнапред не го врзе силниот и тогаш да му ја ограби куќата?
30Кој не е со Мене, против Мене е; и кој не собира со Мене, тој растура.
31Затоа ви велам, секој грев и хула ќе им се прости на луѓето, но хулата против Светиот Дух нема да им се прости на луѓето.
32И, ако некој каже збор против Синот Човечки, ќе му се прости; но, ако каже нешто против Светиот Дух, нема да му се прости ни на овој, ни на оној свет.
33Или, ако насадите добро дрво и плодот ќе му биде добар; а ако насадите лошо дрво и плодот ќе му биде лош; зашто по плодот се познава дрвото.
34Породи змиини! Како можете да говорите добро, кога сте лоши? Зашто од преполнето срце прикажува устата.
35Добриот човек од доброто сокровиште изнесува добро, а лошиот човек од лошото сокровиште – лошо.
36И ви велам, дека за секој лош збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден;
37оти по зборовите свои ќе бидеш оправдан, и по зборовите свои ќе бидеш суден.«
38Тогаш некои од книжниците и фарисеите одговорија и рекоа: »Учителе, сакаме да видиме знак од Тебе.«
39А Он им одговори и рече: »Лукав и прељуботворен род бара знак; но нема да му се даде знак освен знакот на пророкот Јона;
40оти, како што Јона беше во утробата на китот три дни и три ноќи, така и Синот Човечки ќе биде во срцето на земјата три дни и три ноќи.
41Ниневијците ќе излезат на суд со овој род и ќе го осудат, зашто тие се покааја од проповедта на Јона; а ете, тука е поголем од Јона.
42И царицата јужна ќе излезе на суд со овој род и ќе го осуди; зашто таа дојде од крај земја за да ја чуе мудроста на Соломона; но, ете, тука е многу поголем од Соломона.
43Кога нечистиот дух ќе излезе од човека, минува преку безводни места, барајќи спокој и не го наоѓа;
44па ќе рече тогаш: ‚Да се вратам во мојот дом, од каде што излегов.‘ И штом дојде, го наоѓа празен, изметен и уреден;
45тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и штом ќе влезат, таму и ќе живеат; и последната состојба на тој човек станува полоша од првата. Така ќе биде и со овој пакостен род.«
46Додека му зборуваше на народот, мајка Му и браќата Негови стоеја надвор и сакаа да зборуваат со Него.
47Некој Му кажа: »Ете, мајка Ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да зборуваат со Тебе.«
48Он му одговори на оној што Му зборуваше и рече: »Која е Мојата мајка и кои се Моите браќа?«
49И како покажа со рака на учениците Свои, рече: »Еве ја Мојата мајка и еве ги Моите браќа.
50Зашто кој ја исполнува волјата на Мојот небесен Отец, тој Ми е брат, и сестра, и мајка.«

Currently Selected:

Матеј 12: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy