YouVersion Logo
Search Icon

Битие 6

6
Бескарактерноста на луѓето. Ное. Објавување на потопот. Градење на ковчегот.
1А кога луѓето почнаа да се множат на земјата, и ќерки им се народија,
2тогаш синовите Божји, гледајќи ги ќерките човечки дека се убави, ги земаа, кои што ги сакаа, за жени.
3И рече Господ Бог: »Духот Мој нема вечно да пребива во луѓето, зашто тие се тело; ете деновите нивни нека им бидат сто и дваесет години.«
4А имаше во тоа време џинови на земјата, особено, пак, кога синовите Божји почнаа да влегуваа при ќерките човечки и тие почнаа да им раѓаат; тоа се силните луѓе, прочуени од старото време.
5И виде Господ Бог дека лошотиите меѓу луѓето на замјата се големи, и дека сите мисли и помисли во срцата нивни беа зли во секое време.
6И се покаја Бог што го беше создал човекот на земјата, па се огорчи во срцето Свое.
7И рече Господ: »Ќе ги истребам луѓето што сум ги создал, од земјата – од човекот до животното, ѕверовите и птиците небески – оти се кајам што ги создадов.«
8Но Ное најде милост пред очите на Господа Бога.
9Еве го животот на Ноја: Ное беше човек праведен и непорочен во својот род; Ное живееше секогаш според волјата Божја.
10И му се родија на Ное три сина: Сим, Хам и Јафет.
11А земјата се израсипа пред лицето на Бога, и се исполни со неправда.
12И погледна Господ Бог на земјата, и ете – таа беше расипана: бидејќи секоја плот беше се отклонила од својот пат на земјата.
13И му рече Господ Бог на Ноја: »Крајот на секое тело пред очите Мои дојде, зашто се исполни земјата со неправда од нив; и, еве, Јас ќе ги истребам нив од земјата.
14Изгради си за себе ковчег од дрвото гофер, и направи прегради во ковчегот; потоа намачкај го со смола одвнатре и однадвор.
15А изгради го вака: должината на ковчегот да биде триста лакти, ширината негова педесет лакти, а во висина да е триесет лакти.
16Направи и прозорец на ковчегот, и засводи го на еден лакот одозгора; стави му и врата на ковчегот отстрана и нека има три ката во него: долен, среден и горен.
17Јас ќе пуштам потоп, вода, на земјата, за да ја истребам под небото секоја плот, во која има дух животен, сѐ, што е на земјата, ќе изгине.
18Но со тебе Јас ќе направам завет Свој, а во ковчегот ќе влезеш ти, и со тебе и синовите твои, и жената твоја, и жените на синовите твои.
19И внеси во него исто така од сите животни, од секој добиток и од сите влекачи, и од секоја плот да има по две, за да останат со тебе во живот; а од машки и женски пол да бидат.
20Од птиците според родот нивни, и од добитокот според родот негов, и од сите влекачи според нивниот род, и тоа сѐ по две ќе влезат при тебе, за да останат живи со тебе, пород од машки и женски пол.
21И земи со себе секаква храна, со каква се хранат, и чувај ја при себе; тоа ќе биде храната за тебе и за нив!«
22И направи Ное сѐ: направи така како што му заповеда Господ Бог.

Currently Selected:

Битие 6: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy