Parallel
1
Словото на животот
1Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога и Словото беше Бог. 2Тоа во почетокот беше во Бога. 3Сѐ стана преку Него и без Него ништо не стана, од она што постана. 4Во Него беше Животот и Животот им беше светлина на луѓето. 5Светлината свети во темнината и темнината не ја опфати. 6Имаше еден човек по име Јован, ис­пратен од Бога; 7тој дојде за сведоштво, да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат пре­ку него. 8Тој не беше Светлината, туку дојде да сведочи за Светлината. 9Беше Вистинска Светлина, Ко­ја го осветлува секој човек, што доаѓа­ во светов. 10Во светот беше и светот преку Него постана, но светот не Го позна. 11Дојде кај Своите, но Своите не Го примија. 12А на сите што Го примија – на сите што веруваа во Неговото име – им даде моќ да станат чеда Божји; 13кои не се родија од крв, ниту по желба на телото, ниту од похот машка, туку од Бога. 14И Словото стана тело и се всели ме­ѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот. 15Јован сведочеше за Него и велеше зборувајќи: „Ова е Тој за Кого реков: Оној, Кој иде по мене, Тој е пред мене, бидејќи постоеше порано од мене!“ 16И од Неговата полнота ние сите примивме благодат врз благодат; 17зашто Законот беше даден преку Мојсеј, а благодатта и вистината станаа преку Исуса Христа. 18Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот Син, Кој е во пазувите на Отецот – Тој Го објави.
Сведоштвото на Јован Крстител
(Мт 3,1-12; Мк 1,1-8; Лк 3,1-18)
19И тоа е сведоштвото на Јован, кога Јудејците испратија од Ерусалим свеш­теници и левити за да го прашаат: „Кој си ти?“ 20Тој призна и не одрече, туку објави: „Не сум јас Христос.“ 21И го прашаа: „Кој си, тогаш? Илија ли си ти?“ И рече: „Не сум.“ „Про­рок ли си?“ И одговори: „Не.“ 22А тие му рекоа: „Па кој си, за да мо­жеме да им одговориме на оние што нѐ испратија; што велиш за себе?“ 23Тој рече: „Јас сум глас на оној што вика во пустината: израмнете го Госпо­довиот пат, како што вели пророкот Исаија.“ 24А испратените беа од фарисеите; 25и го запрашаа велејќи: „Зошто тогаш крштеваш, кога не си Христос, ниту Илија, ниту пророк?“ 26Јован им одговори и рече: „Јас крш­тевам со вода, но меѓу вас стои Еден, Кого вие не Го познавате. 27Тој е Оној што иде по мене, Кој бе­ше пред мене, Кому јас не сум досто­ен да Му ги одврзам ремењата од обув­ките Негови.“ 28Ова се случи во Витанија, отаде Јордан, каде што крштеваше Јован.
Божјото Јагне
29На другиот ден Го виде Јован Исуса како доаѓа кај него и рече: „Еве Го Јаг­нето Божјо, Кое ги зема гревовите на светот врз Себе! 30Овој е оној, за Кого реков: по мене иде Човек, Кој пред мене беше, бидејќи пос­то­еше пред мене. 31Јас не Го познавав, но дојдов да крштевам со вода, за Тој да му биде об­јавен на Израил.“ 32И сведочеше Јован, велејќи: „Го ви­дов Духот да слегува од небото како гу­лаб и остана над Него. 33Јас не Го познавав, но Оној, што ме прати да крштевам со вода, Тој ми рече: ‚Врз Кого ќе видиш дека слегува Духот и дека останува над Него, Тој е Оној што ќе крштева со Дух Свети.‘ 34И јас видов и посведочив дека Тој е Син Божји.“
Првите Исусови ученици
35А на другиот ден, пак, стоеше Јован и двајца од неговите ученици. 36И штом Го виде Исуса како оди, рече: „Еве Го Јагнето Божјо!“ 37Кога ги чуја од него тие зборови, обата ученика отидоа по Исуса. 38А Исус, кога се сврте и виде дека одат по Него, им рече: „Што барате?“ Тие Му одговорија: „Рави што значи – Учителе, каде живееш?“ 39Им рече: „Дојдете и видете!“ Тие отидоа и видоа каде живее и останаа тој ден кај Него. Беше околу десеттиот час#1,39 Околу 16 часот.. 40А еден од двајцата, што беа чуле за Исус и беа тргнале по Него, беше Ан­дреј братот на Симон Петар. 41Тој прво го најде брата си Симона и му рече: „Го најдовме Месијата, што значи: Христос#1,41 Месија на еврејски и Христос на грчки значат Помазаник, т.е. посебен Божји пратеник..“ 42И го одведе кај Исуса. А Исус го погледна и му рече: „Ти си Симон, си­нот на Јона; ти ќе се наречеш Кифа, што значи: Петар#1,42 На еврејски Кифа, односно Петар, на грчки значи камен..“
Повикот до Филип и Натанаил
43На другиот ден Исус намисли да отиде во Галилеја и го најде Филип, па му рече: „Врви по Мене!“ 44И Филип беше од Витсаида, од градот на Андреј и Петар. 45Филип го најде Натанаил и му рече: „Го најдовме Оној за Кого пишуваше Мојсеј во Законот и Пророците – Исус, синот Јосифов од Назарет!“ 46А Натанаил му рече: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?“ Филип му рече: „Дојди и види!“ 47Исус, кога го виде Натанаил како доаѓа кај Него, рече: „Еве вистински Израилец, во кого нема лукавство!“ 48Натанаил Му рече: „Од каде ме познаваш?“ Исус му одговори и рече: „Уште пред да те повика Филип, кога беше под смоквата, Јас те видов.“ 49Му одговори Натанаил и рече: „Рави! Ти си Син Божји, Ти си Царот на Израил!“ 50А Исус, одговарајќи, му кажа: „Да­ли веруваш, бидејќи ти реков дека те видов под смоквата? Ќе видиш повеќе од ова.“ 51И пак рече: „Вистина, вистина ви велам: отсега ќе го гледате небото от­во­рено и ангелите Божји како се иска­чу­ваат и слегуваат над Синот Човечки.“