Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 24:1-51

Матеј 24:1-51 MK2006

И кога излезе Исус од храмот и си одеше, се приближија до Него учениците Негови за да Му ги покажат зградите на храмот. А Исус им рече: „Го гледате ли сето тоа? Вистина, ви велам: нема да остане тука ни камен на камен, а да не биде ур­нат.“ И кога седеше во Маслиновата Гора, дојдоа кај Него учениците Негови на­са­мо и Му рекоа: „Кажи ни, кога ќе биде тоа, и каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање и за крајот на светот?“ А Исус им одговори и рече: „Пазете се, да не ве излаже некој; зашто многумина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: ‚Јас сум Христос!‘ и ќе прелажат мнозина. Ќе слушате за војни и повици на војни. Гледајте да не се уплашите, зашто сето тоа треба да биде; но тоа уште не е крајот. Зашто ќе се крене народ против на­род, и царство против царство, и на раз­ни места ќе има глад, помор и потреси; а сето тоа е почеток на страдањата. Тогаш ќе ве предадат на мачење и ќе ве убијат; и ќе бидете мразени од си­те народи, заради Моето име. Тогаш мнозина ќе се соблазнат и еден со друг ќе се предаваат и еден со друг ќе се мразат; многу лажни пророци ќе се појават и ќе прелажат мнозина; и бидејќи беззаконијата ќе се ум­но­жат, кај мнозина љубовта ќе олади. А кој ќе издржи до крај, тој ќе биде спасен. И ќе биде проповедано ова Еван­ге­лие за царството по целиот свет, за све­доштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот.“ „Па така, штом го видите гнасниот пустошник како стои на светото место, за кој зборува пророкот Даниел – кој чи­та нека разбере, тогаш оние, што се наоѓаат во Ју­де­ја, нека бегаат по планините; кој е на покрив нека не слегува да земе нешто од куќата своја; и кој е на нива, нека не се враќа до­ма за да ги земе алиштата свои! Но тешко на бремените и на доил­ките во тие дни! Затоа молете се да не стане бегањето ваше зиме или во сабота; зашто тогаш ќе има страдања, как­ви што немало од почетокот на светот па досега, ниту, пак, ќе ги има. И ако не се скратат оние дни, никој не би се спасил; но заради избраните ќе се скратат тие дни. Тогаш, ако ви каже некој: ‚Еве, ов­де е Христос‘ или ‚таму е‘ – не верувај­те! Зашто ќе се појават лажни месии и лажни пророци, и ќе покажат големи знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, дури и избраните. Ете, однапред ви кажав. И така, ако ви речат: ‚Ете, Тој е во пустината‘ – не излегувајте; или, ‚ете, во тајна соба е‘ – не верувајте! Зашто, како што молњата излегува од исток и се гледа дури до запад, така ќе биде доаѓањето на Синот Човечки. Зашто, каде што е мршата, таму се собираат и орлите.“ „И веднаш, по маките на тие дни, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина, и ѕвезди ќе паѓаат од небото, и силите небески ќе се разнишаат. Тогаш ќе се јави на небото знакот на Синот Човечки и ќе се расплачат си­те земни племиња, и ќе Го видат Синот Човечки како доаѓа на небесните об­ла­ци, со голема слава и сила; и ќе ги испрати Своите ангели со силен трубен глас, и ќе ги соберат Не­говите избраници од четирите ветра, од едниот до другиот крај на небесата.“ „Со смоквата направете споредба: штом ќе се подмладат нејзините гранки и пуштат лисја, знаете дека е близу ле­тото. Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, пред вратата. Вистина ви велам: нема да мине овој род додека сето тоа не се исполни. Небото и земјата ќе минат, но збо­ровите Мои нема да минат.“ „А за тој ден и час никој не знае, ни­ту ангелите небесни, туку само Мојот Отец; но, како што беше во деновите на Ное, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки; зашто, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се ма­жеа до оној ден кога Ное влезе во ков­че­гот, и не сфатија додека не дојде по­то­пот и истреби сѐ – така ќе биде и доа­ѓа­њето на Синот Човечки. Тогаш ќе бидат двајца на нива: еден ќе биде земен, а другиот ќе биде ос­та­вен; две жени ќе мелат со рачна мелница: едната ќе биде земена, а другата ќе биде оставена. Па така, бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Гос­под. Знајте го и тоа: кога домаќинот на куќата би знаел во кој час ќе дојде кра­де­цот, тој би останал буден и не би дозволил да му провалат во куќата. Затоа и вие треба да бидете подгот­вени, зашто Синот Човечки доаѓа во ча­сот кога не очекувате.“ „Кој е, пак, тој верен и мудар слуга, кого ќе го постави господарот негов над слугите свои да им дава навреме храна? Блазе на тој слуга, кого, кога ќе дојде господарот негов, го наоѓа дека постапува така; вистина ви велам дека над целиот свој имот ќе го постави него. Ако, пак, тој слуга е лош и си рече во срцето свое: ‚Господарот мој уште за долго време нема да дојде‘, па почне да ги тепа другарите свои и да јаде и пие со пијаниците, господарот на тој слуга ќе дојде во ден кога тој не го очекува, и во час што не го знае; и ќе го исече на парчиња, и ќе му даде еднаква награда со лицемерите; та­му ќе биде плач и крцкање со заби.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност